Во Културно информативниот центар – Скопје вечерва во 19,30 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од фоторепортерот и доајен на македонската фотографија Живко Јаневски  (1940-2000) насловена „Точки на интерес“.

На изложбата ќе бидат претставени 110 дигитално испечатени фотографии. Станува збор за истражувачки проект од 2020 година во Музејот на Град Скопје на Одделот за современа фотографија и филмски материја.

Оваа изложба е настаната преку истражувачки проект од 2020 година во Музејот на Град Скопје на одделот за „Современа фотографија и филмски материјал“, на случајно пронајдени фотографски материјали (филмски негативи), што доведе до сознание дека целокупниот материја е од фоторепортерот и доајенот на македонската фотографија Живко Јаневски работен за потребите на „НИП Нова Македонија“, информираат организаторите.

Фотографиите на Јаневски се визуелен документ на времето кога се осамостојуваше Републиката. Во овие фотографски записи снимени во почеток на деведесетите години на минатиот век е документирано времето на големите опшествени промени во Македонија, вели Станко Неделковски, кустос во Музејот на Град Скопје, кој ја уреди изложбата „Живко Јаневски – Точки на интерес“.

Првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички претставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани се документирани преку фотографиите на Јаневски кои биле објавени во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Јаневски почина на 15 март 2000 година во Скопје како уредник на фотографија во дневниот весник „Нова Македонија“.

Сè ова ќе завршело на буниште, ако Станко Неделковски не ги пронашол негативите од фотографиите кои ќе бидат дел од изложбата. По ходниците на НИП-от, кога поранешната издавачка куќа влезе во стечај имало куп картонски кутии полни со материјали. Неделковски, инаку фотограф и вработен во Музејот на Град Скопје почнал да пребарува низ материјалите и на една од тие кутии полна со големи жолти коверти, било испишано „Црно – бели Живко“. Му било дозволено да ги земе. Во ковертот имало 285 негативи, осносно околу 9.500 фотографии. Неделковски успеал да ги дигитализира и од тој материјал направил селекција од 110 фотографии што ќе бидат поставени на изложбата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.