Вечерва се отвора 41. Скопски џез фестивал со ексклузивниот настап на ансамблот Exploding Star Orchestra, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката арт-џез сцена, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек. Ова е единствениот концерт на оркестарот во Европа (покрај оној во Лисабон летово) со актуелната инкарнација на Exploding Star Orchestra, заслужна за ремек-делото „Dimensional Stardust“ од 2020 година, којшто специјално за оваа прилика ќе биде збогатен со извонредниот 20-член камерен оркестар на Fames – European Orchestral Performing Institute. Овој многуброен музички ансамбл на сцената на Националната опера и балет ќе изведе, покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа прилика од страна на Роб Мазурек.

Програмата натаму продолжува во МКЦ, кадешто ќе музицира скопското инструментално џез-трио Zulu 3.4, со почеток во 23 часот. Претходно, ќе им биде врачена наградата „најдобар млад македонски џез состав“, односно на сите негови членови подеднакво: Дамјан Даневски (тапани), Марио Симоновски (гитара) и Мартин Џорлев (клавијатури). Станува збор за традиционална награда што Скопскиот џез фестивал ја доделува веќе шест години по ред. Тие годинава ја освојуваат наградата сосема заслужено, со оглед дека својот уникатен, оригинален звук, присутен на нивните три албумски објави, успешно го изнесоа на бројни домашни и странски концертни подиуми, освојувајќи искрени симпатии кај музичките новинари и публиката.

ПРОГРАМА

13 октомври
Национална опера и балет
20:00 RОB MAZUREK EXPLODING STAR ORCHESTRA
with Fame’s Chamber Orchestra (САД/Бразил/Италија/Македонија)
МКЦ – Дансинг сала
23:00 ZULU 3.4 (Македонија)

14 октомври
Национална опера и балет
20:00 HAMID DRAKE TURIYA: HОNORING ALICE COLTRANE
(САД/Португалија/Италија/Норвешка)
МКЦ – Дансинг Сала
23:00 ABACAXI (Франција)
24:00 ТAXI CONSILIUM (Македонија)

15 октомври
Национална опера и балет
20:00 AMARO FREITAS TRIO (Бразил)
22:00 GORAN KAJFEŠ SUBTROPIC ARKESTRA (Шведска)
МКЦ – Дансинг Сала
24:00 NEW FUTURE CITY RADIO (САД/Бразил)

16 октомври
Национална опера и балет
20:00 THUMBSCREW (САД)
22:00 INGEBRIGT HÅKER FLATEN [EXIT] KNARR
(Норвешка/Данска)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.