Утре, на 22 ноември во 20 часот на сцената на Театар за деца и младинци – Скопје, ќе се одигра премиерната изведба на младинската претстава „Како ќе го делиме мачорот“ по текст и режија на Јане Спасиќ.

Режисерот Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу темите, и ги прикажува повеќето стравови на децата и родителите и притоа, ги поставува вообичаени прашања и перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес.

Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади кои го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родители да ја разберат нивната позицијата и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.

Иако, се бави со една тешка тема, претставата релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.

Во претставата играат: Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска.

Првата реприза е закажана за 28 ноември 2023 (вторник) од 20 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.