Вкупната буџетска ставка за 2023 година за фолклорната дејност изнесува 46.8 милиони денари, од кои само за поддршка на програма и други корисници се издвоени над 41.5 милиони денари. Ова го истакна денеска министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска ја посетија општината Ѓорче Петров.

-Работната посета во општина Ѓорче Петров ја започнавме од Центарот за култура каде остваривме средба со претставниците од едукативно фолкорно здружение „Седум осмини“ и Културно уметничкото друштво „Глигор Прличев“, кои се вистински пример како се чуваат културните вредности, традиција и народните обичаи, со пренесување на своето знаење на најмладите генерации, информираше министерката.

Таа нагласи дека Министерството за култура секоја година ја зголемува поддршката за проекти од областа на фолклорот, проекти кои се национален и државен интерес. Министерката додаде дека износот за финансирање и поддршка на фолклорот во континуитет продолжува да биде значаен дел од поддршката на културата во целост и прават напори за негово зголемување.

Костадиновска Стојчевска рече дека одобрените средства за проекти на конкурс за општини и локални установи, здруженија, културно уметнички друштва, ансамбли и физички лица изнесуваат 24.2 милиони денари, средства чии корисници се и едукативно фолкорно здружение „Седум осмини“ и Културно уметничкото друштво „Глигор Прличев“.

-Инвестираме во културата и се грижиме за традицијата. Вложуваме во едукативно информирање на младите поколенија од областа на фолклорот и запознавање со богатото народно творештво кое го носиме. Тоа е најдобриот начин да продолжат да ги чуваат македонската традиција, корените, јазикот, културата.

Остануваме заедно преку поддршка на проекти да ги поттикнуваме најмладите да станат дел културно-уметнички друштва и ансамли и кои ќе продолжат да ја негуваат македонската традиција дома, но и да ја афирмираат надвор од државата преку игри, песни и носии, подвлече министерката.

Таа истакна дека воспоставувањето на ваквата силна врска со сопствената традиција, создава здрава основа за зачувување на македонскиот идентитет.

-Затоа Министерството за култура продолжува и во иднина да помага за зачувување на културата и традицијата и посветено да работи за младите, да продолжат да ја пренесуваат културната традиција на следните генерации и да ја зачуваме атрактивноста и интересот за фолклорот, додаде таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.