Еминентниот македонски пијанист, маестро Симон Трпчески, уште еднаш ја крена европската публика на нозе, овој пат со концерт во свечената сала на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта, каде што настапи со Симфонискиот оркестар на Унгарското радио и под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Фрица. Присутната публика имаше можност да ужива во неговата виртуозна изведба на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс во првиот дел од вечерта. Според Трпчески, се работи за едно од најсложените дела во творештвото на Брамс.
„Се чувствувам прекрасно. Имав чест да го изведувам токму во градот каде што беше и светската премиера на ова дело. Будимпешта толку многу зрачи со уметност, да не кажам со музика од секој агол, но и воопшто, Унгарија е една земја со богати култура и историја“, рече Трпчески.
Тој за првпат настапи со Оркестарот на Унгарското радио, и тоа на покана од диригентот Рикардо Фрица од Италија, со кого веќе има настапувано заедно.
„Трпчески не е само пијанист, тој е, пред сè, мој пријател, се знаеме многу години и настапувавме заедно. Многу е лесно за мене да соработувам со него, бидејќи имаме иста страст кон музиката, имаме совршена музичка комуникација. Се надевам, ќе имаме уште многу заеднички концерти“, истакна диригентот.
Концерт-мајсторот на Оркестарот на Унгарското радио, воедно и прв унгарски уметник награден со „Еми“, исто така имаше пофални зборови за македонскиот музичар: „Трпчески свиреше одлично, неговата изведба е виртуозна. Го претстави на вистински начин делото на Брамс. Со пијанистот имаме план за македонско-унгарска соработка во иднина, како концерт на камерна музика“.
На крајот од својот настап, Трпчески ѝ подари на публиката македонска композиција.
„Изведов дел од ‘Македонисимо’, поточно ‘Пиперково оро’. Секогаш сакам да презентирам нешто наше, поради тоа што сум горд на она што го имаме како ризница, богатство, фолклорно, како земја, како Македонија. На концертот во Будимпешта публиката имаше можност да слушне унгарска народна музика преку ‘Концертот’ на Брамс, така што направив една поврзаност и изведов и македонска композиција“.
На концертот присуствуваа и неколкумина Македонци, меѓу кои и Ивица Боцевски, специјален претставник на Владата при унгарското Претседателство со Советот на Европската Унија.
„Во официјално својство, веќе на трет континент го слушам, дел сум од неговата публика, никогаш не пропушта кога прави бис, да ме поздрави, особено кога ги изведува македонските композиции. Повторно, и овој пат, го добив најнезаслужениот аплауз кога ме претстави како амбасадор од неговата татковина и кога ми го посвети ‘Пиперково оро’. Се сеќавам кога ме поздрави пред преполната сала на Државниот оркестар од Сао Паоло со делото од Шуплевски ‘Не си го продавај, Кољо, чифлигот’“, изјави Боцевски, за кого Трпчески е најголем македонски културен амбасадор.
„Тој е и најдобар доказ што пропушта Европа поради недовршената македонска и општо, балканска европска интеграција. Целиот талент, целата креативност, ум, труд и професионалност на секој Балканец е нераскинлив дел од европската цивилизација, култура, економија и придонесува кон зголемување на европската конкурентност во трката кон врвот во 21 век. Унгарците одамна го знаат тоа и затоа срдечно ја поддржуваат нашата европска интеграција, а и се однесуваат кон нас како веќе да сме земја членка. Беше гордост да се проследат петте биса што му ги даде унгарската публика на Симон, а и потоа да се ужива во друштвото на најдобрите унгарски и европски уметници, кои беа дојдени да го проследат концертот“, додаде тој.
Трпчески истакна дека особено му е мило што овој концерт се одржа токму во време на претседавањето на Унгарија со Европската Унија.
„Ова е една убава културна соработка помеѓу Македонија и Унгарија и ќе придонесе за развивање на понатамошните односи“.
Македонскиот пијанист доби пофални зборови од многубројната публика, врвни музичари и познавачи на музичката уметност. Меѓу нив и Франческа Испан, која е основач на камерниот оркестар „Солти“, составен од млади дипломирани музичари од Музичката академија. Таа воедно беше и пријателка со македонскиот композитор Властимир Николовски.
Турнејата на Трпчески продолжува во Белград, и тоа со два концерта во една вечер, па во Солун, Нови Сад и во Сараево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.