На трети април, во понеделник, во 12 часот ќе се одржи трибина „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“ на малата сцена  по повод 78 години од првата премиера на националниот театар.

Модератор на трибината е проф д-р Ана Стојаноска, а за значењето на драмскиот автор ќе говорат и самите автори Јордан Плевнеш, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски, Блаже Миневски и Сашо Димоски, чии драмски текстови се поставени во МНТ, како и Бранко Ставрев, кој е режисер на најмногу претстави од македонски автори во МНТ.

На сцената на МНТ од самите почетоци (третата поставена претстава е Чорбаџи Теодос, премиера: 16.08.1945 година) до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега над 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Целта на оваа трибина е да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на театарот. Тоа се меѓу останатите Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Сашко Насев, Горан Стефановски и други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.