Со изложба на плакати и проекција на канскиот победник „Триаголник на тагата“ (Triangle Of Sadness) на Рубен Остлунд, вечерва (20 часот) во Кинотеката на Македонија започнува јубилејното 25. издание на Скопје филм фестивал (СФФ). Филмот е социјална сатира чија приказна зборува за тонењето на крстосувач во кој се возат многу богати луѓе, а преживеаните се спасуваат на пуст остров.

„Среќни сме што го дочекуваме јубилејното издание на Скопскиот филмски фестивал кој успеа да опстои сите овие години и да го одржи својот континуитет на квалитетни
филмски остварувања. И оваа година направивме избор на значајни филмови и ја
поканувам нашата публика во наредните денови заеднички да го прославиме нашиот јубилеј. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на плакати за фестивалот, потсетување за тоа како растеше и созреваше Скопје филм фестивал и ние заедно со него, како и одбележувањето на 50-годишнината на серијалот „Кум“ на Френсис Форд Копола, програма реализирана во соработка со Кинотеката“, вели Татјана Јаневска, директорка на Скопје филм фестивал.

Фестивалот за своето 25. издание носи програма и содржини во чии рамки ќе понуди играни и документарни филмови поделени во неколку целини: Програма на светски филм, Фокус на европски филм, Програма на авторски филм и Ретроспективата 50-години „Кум“. Годинава сите филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката.

Во програмата Светски филм на публиката на Скопје филм фестивал ќе се прикажат
филмови од најнова продукција: „Вози ја мојата кола“ на јапонскиот режисер Хамагуши, канадско – францускиот филм „Соколово езеро“ на режисерката Шарлот Ле Бон и аргентинско – шпанскиот „Официјална конкуренција“. Од програмата „Авторски филм го издвојуваме најновото остварување на Гаспар Ное „Вртлог“, а тука се уште три филмови во програмат Фокус на европскиот филм: „Корсет“ на режисерката Мари Крацер, „Едно убаво утро“ на Миа Хансен Лов, „Смачено ми е од себе“ на режисерот Кристифер Боргли.

-Одбележувањето на 50 години од „Кум“ има неслучајно историско значење. Можеби вака најкратко може да се објасни феноменот на филмот, но, се работи за тоа дека „Кум“ е од оние филмови што се поголеми од историјата, посочуваат организаторите на фестивалот.

Во рамки на програмата Кинемода ќе се прикаже документарниот филм „Мартин
Магиела. Со свои зборови“ кој претставува портрет на Маргиела, кого модниот свет го
сметаше за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30
години. Проекцијата ќе се одржи во кафе-киното „Котур“, потоа ќе се одржи и разговор на Кристина Глигоровска, модна теоретичарка и главна уредничка на светски познатото модно списание WeAr со гостинката Александра Оленска, модна стилистка и креативна консултантка за модни брендови Tom Ford, Celine, Daks London, Pringle of Scotland и Vanessa Bruno.

Во четврток (15 септември), пак, во Кинотеката ќе се промовира книгата „Дух во
школка“ на филмската критичарка Сунчица Уневска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.