Програмата на 25 –тото јубилејно издание на Скопје филм фестивал утре (петок, 16 септември) продолжува со филмовите „Официјална конкуренција“ и „Соколово езеро“. Проекциите се одржуваат во Кинотека на Македонија со почеток од 20 и 22 часот. Двата филма се дел од Програмата на светски филм.

„Официјална конкуренција“ е шпанско – аргентинска продукција од 2021 година, станува збор за сатиричната комедија на аргентинските режисери Гастон Дупрат и Мариано Кон и е приказ на креирање филм, брилијантно одигран од Антонио Бандерас и Пенелопе Круз, две икони на шпанскиот филм. Филмот нуди интелигентен увид во суетите и илузиите на филмскиот бизнис. Бизнисмен милијардер, кој е во потрага по слава и општествен престиж, решава да сними уникатен, невиден филм дотогаш. За таа цел ги ангажира најдобрите: ѕвездена екипа составена од многу познат режисер и двајца популарни актери кои не само што се исклучително талентирани, туку имаат и огромно его. И двајцата се легенди, но не се најдобри пријатели. Сочинуваат брилијантен тим што не може да работи заедно. Режисерите Дупрат и Кон прават безмилосна сатира користејќи ги овие ликови, нивниот однос и ситуациите во коишто се наоѓаат за да потенцираат колку е комична филмската индустрија и притоа сурово ја исмеваат.

„Соколово езеро“ (2022) е дебитантскиот долгометражен филм на Шарлот ле Бон е чувствителна, прекрасно снимена и одиграна приказна за созревањето. Филмот е впечатливо дело што постојано ги поткопува и превртува очекувањата од овој жанр на филм, со траги на натприродно, а сепак вешто ја контролира границата меѓу слаткото и страшното. Мешајќи злокобност и веселост, меланхолија и магија, и волшебната хемија меѓу двајцата млади глумци, филмот „Соколово Езеро“ останува долго во мислите.

Освен филмовите, публиката на Скопје филм фестивал во галеријата на Кинотеката има можност да погледне изложбата на плакати од изминативе 25 години на фестивалот, чиишто автори беа истакнати македонски уметници како Ване Костуранов (2013), Зоран Кардула (2020), Ѓорѓи Деспотов (2018), Таби Азири (2014, 2016), Мери Бакалова (2015), Бојан Кртолица (2012), Димитар Апостолов (2011), Јана Мишева (2009), Филип Кондовски (1999), и други.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.