МОНОГРАФИЈА: ГОТРА (Горан Трајкоски) – 45 години творештво / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес
ИЗЛОЖБА: 60 години рок музика во Македонија – Ретроспектива низ неколку илјади артефакти / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес
ГРАМОФОНСКА ПЛОЧА: Двоен албум, “History of Macedonian Rock’roll – Macedonian punk/hc 1979-2004 (необјавени снимки на 50-ина македонски бендови) / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес
ПРЕДАВАЊЕ: Серија на предавања за Историја на Македонската Рок Музика (1963-2023), во Њујорк, Чикаго, Детроит, Атланта / САД / пред македонските иселеници (нивните млади поколенија) / (побарана само авионска карта до САД) / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес, пишува Тошо Филиповски на својот фејсбук профил споделувајќи го незадоволството од резултатите на Годишната програма на Министерството за култура.
Ете го мојов биланс од овогодишниот конкурс на Министерствот за (Не)култура….И да бидам искрен….не е дека очекував поинаков епилог од министерката и комисијата која одлучувала….па и лани беше исто, и за мене и за целата (музичка) независна културна сцена. Веројатно такви и толку им се познавањата за современата урбана култура, за музичата историја, за националната самосвест, за потребата од сочувување на музичкото културно богатство, за едукацијата на младите генерации. Наивно мислев дека минатата година згазнавме на дното ама изгледа можело и подолу….со тенденција уште повеќе да се понижи се што е вистински репрезент на она што исто така МОРА да се подразбира под – Националниот интерес во културата во Македонија – урбаната (рок, џез, блуз, панк, хеви метал, електронска, амбиент, ло-фи, дарк, хип-хоп,…итн… музика). За жал, и понатаму ќе бидеме маргинализирани, отфрлени, игнорирани….се додека оваа Министерка е на позицијата која ја има и се додека комисиите што ги составува се исклучиво од луѓе кои се вработени во национални институции кои и немаат безмалку никаков непосреден допир со реалната слика за урбаната култура во Македонија. И понатаму, се додека таа го раководи ова министерство “тезгите” ќе бидат Национален интерес….доминантен според она што се чита во резултатите. И понатаму вработени во културни институции, кои за својот уметнички ангажман земаат плата од државата, доставуваат (и им се одобруваат од страна на нивни колеги) приватни (или под закрила на здруженија) проекти кои се безмалку идентични со нивната институционална обврска за која земаат плата, а ги работат надвор од институциите (некои дури и во матичните им институции)….Министерке, за потребите на тој (или кој?) “национален” интерес…..проектите на уметници/културни работници кои не се вработени во националните (и локалните) културни установи, се отфрлени (читај неподобни/неквалитетни) за финансиска поддршка од Вас и вашата комисија? Зошто имате две генерални поделби во националниот конкурс, за Национални установи и други корисници кога одделот насловен како “други корисници” е преплавен со поддржани проекти на институционални уметници. Чуму и кому му оди во прилог оваа фарса?!?!? Не, не може повеќе на овој начин Министерке…време е да си одите… Оставете го Министерството на некого кој знае и сака да ги среди состојбите во Културата и културниот живот во Македонија. Вие и вашите комисии (зборувам фокусиран за она што го знам и работам – а е сместено под небулозниот фајл / Музичко-Сценска дејност), покажавте дека не сте подготвени да проценувате што е Национален интерес. За ступидните конкурсни правила за аплицирање пишував пред неколку месеци, да не се повторувам. Партиски можеби знаете, и можеби токму и свесно го аплицирате партискиот интерес, ама фајда од тоа ќе нема македонската културна заедница. Особено не онаа, вонинституционалната – Независна Културна Сцена. И да не ги знаеме комисиите (по име и презиме) во оваа спомената дејност, и лаик ќе го запримети Вашето далекугледно (се шегувам, реално да кажам е – кусогледо) и единствено институционално поимање на културата…..класична музика, пијано рецитали, танц, хор, опери, камерни оркестри, дувачки, шлагери…..естрадни концерти….и што уште не…..само рок музика, урбана култура…..во промили. Според резултатите од конкурсот човек да помисли дека комплетниот ансамбл на Филхармонија, Опера, Балет… сте го испратиле на едногодишен неплатен одмор. Јас таков впечаток добив. И што ни останува нам….на мене и многуте слични како мене…..ентузијасти кои живеат од и за културата и кои сакаат и даваат свој белег на културниот живот живот во Македонија…..со децении. Да си заминеме од државата или да престанеме да создаваме, забележуваме, архивираме, објавуваме? Како повеќе ви одговара, кажете. Што да направиме….советувајте не, бидејќи Министерството на нашата сакана татковина (Македонија)…..упорно го игнорира нашиот влог во создавањето на заедничката ни културна меморија и идентитет. Благодарам….партиски книшки НЕ !!!!
Мене лично ми ги пореметивте плановите. …но само временски. Не знам како, кога и дали воопшто ќе најдам финансии да ја печатам Монографијата…..ама знам дека ќе успеам. Затоа што Горан и неговото 4 децениско творештво е знајачно, исклучително значајно за моите/нашите сограѓани, за Македонија, но не и за вас. Вие (и вашата комисија) веројатно и не сте слушнале за него. За исцрпувачкиот но возбудлив процес на истражување никогаш не сум барал средства….тоа со децении го правам од љубов иако ете читам низ резултатите од конкурсот, дека со години се издвојуваат сериозни средства за тимско истражување низ слични проблематики, нешто што со години го работам САМ и со сопствени финансии. Ќе има и изложба, ГОЛЕМА изложба на артефакти….затоа што тие неколку илјади урбани музичари, од државата заборавени, кои создавале низ овие 6 децении ја заслужиле таа чест и почест, од мене сигурно…Вие ионака не одите по такви културни програми. Ќе ви простам, не разбирате, не знаете да согледате. Ќе направам и плочи, не една…туку неколку…од свои средства или со помош на пријателите….ама тие (и многу други…илјадници снимки) аудио материјали ќе бидат сочувани, за навек. Вие ионака не слушате музика, особено не онаа создадена овде, во Македонија….затоа не ве допира тоа. Веројатно е и дека терминот грамофонска плоча ви бил несфатлив при одлучувањето. И секако, со свои средства и со помош на пријателите, ќе отидам и во САД но и во сите останати земји кај ќе бидам поканат и со задоволство и голема страст ќе зборувам за историјата на Македонската рок музика пред младите генерации на Македонци, затоа што верувам во својот народ и вредностите на нашата урбана рок култура. Ама вие и тоа нема да го разберете затоа што очигледно е дека никогаш не сте растеле со оваа култура….со делата на овој народ.
Со почит,Тошо Филиповски
п.с. Во прилог (на фотографиите) ….моето неподобно кратко CV….2018-2022.
п.п.с. Министерке, Би сакал да ви поклонам по еден примерок од истите, Вам и на вашата комисија….за во иднина да бидете барем малку поинформирани по однос на македонската урбана музичка култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.