Тони Михајловски (1967), театарски и филмски актер кој над триесет години е дел од македонската култура и уметност, почитуван поради својот талент, карактеристичност и посветеност е добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024.
Вака едногласно одлучи Жири комисијата за доделување на актерска награда за животно дело „Петре Прличко” во состав: Фаик Мефаиловски претставник на Општина Велес, Благојчо Стојанов претставник на Општина Велес и Слободанка Чичевска актер, претставник на НУЦК театар „ЈХК- Џинот” Велес, на 6- ти март едногласно одлучи наградата за животно дело „Петре Прличко” да му припадне на актерот Тони Михајловски. Наградата ја доделуваат Народниот театар „Јордан Хаџи Констатинов-Џинот“ и Општина Велес.
Михајловски во Македонскиот народен театар е вработен од 1994 – 1999 година, откако дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности- Скопје.
Повторно е дел од актерскиот ансамбл на театарот од 2003 година, а во текот на 2015 година е и уметнички директор на истиот. Првата улога во театар ја остварува во 1991 година во представата „Крик” во продукција на МНТ. Тони Михајловски е пред се актер, но и ТВ- водител, режисер и текстописец.
– Преку сите овие области тој се етаблира во една од најсестраните личности во македонската култура и уметност и во секоја од нив остварува автентични, препознатливи изведби и дела, забележани и од публиката и од критиката. Преку остварените ликови тој испишува голем дел во историјата на театарот. Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во една од најдоминантните појави не само на македонската, туку и на балканската театарска и филмска сцена. Тој е еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и надвор од нашата домашна продукција. Актер кој стана миленик на публиката од целиот Балкан, комплексна актерска личност кој реализира карактерни креации без исклучок дали се главни или споредни, низ кои се препознава и надоградува стилот на неговата игра: сигурноста и квалитетот на индивидуалноста на Михајловски, неговата енергија и страст кон даските што живот значат, кон камерата и моќта да го постави и толкува ликот низ неговата душа. Со појавата на Тони Михајловски театарот и филмот како медиуми станаа побогати, а публиката е таа која со нетрпение го исчекува секој негов нов лик, ново искуство, нова потврда на неговата актерска величина, потенцираат во образложението за наградата.
Додаваат дека неговата прецизна игра и можност за широка трансформација, од 2023 год несебично ја пренесува на следните генерации млади кои имаат интерс, а и желба за актерство преку „Актерско студио Михајловски”.
Воедно потсетуваат дека за неговата работа како актер, доказ се и многубројните награди кои ги има добиено уште од 1993 и 1994 година. Награда „Трајко Чоревски” за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински , награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински”-Прилеп 2007 год, награда за актер за 1997 годона на „Златна Бубамара на популарноста”, награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински” за улогата на Петар Стефановски во представата „Будење на пролетта” во 2000 година, награда „Златна маска” на фестивалот Охридско лето за улогата на Пер Гинт во истоимената представа во 2001 година, награда за најдобар актер на фестивалот „Јоаким Интер Фест” во Крагуевац – Србија во 2010 година, награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински” за улогата на Ефрем Поплавски во представата „Вечна куќа” во 2013 година, како и наградата „13- ти Ноември” на Град Скопје за 2022 година.
Наградата на Михајловски ќе му биде врачена на отворањето на Фестивалот „5-ре“ на 20 март вечерта на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а во негова чест актерите од велешкиот театар премиерно ќе ја изведат претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.