Актерите од Народниот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот од Велес вчеравечер маестрално ја одиграа театарската премиера „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски.
Претставата беше ново, свежо и несекојдневно доживување и третирање на Кочо Рацин како човек и уметник, но во прв план беше неговата човечка димензија преку која беа претставени и некои други факти кои на извесен начин ги заобиколила историјата.
Според режисерот Дејан Пројковски, Рацин е веќе дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК-та на секој од нас, а неговата емоција во ова театарско дело е пренесена преку изразните средства на денешницата.
-Претставата за мене беше едно патување како Диоген сред бел ден со фенер во рака кога тргнал да го бара човекот. Ние во оваа претстава тргнавме со свеќа во рака да ги бараме рефлексиите од Рацин што се во нас, така што се обидовме да создадеме една претстава којашто всушност нè инспирира ликот и делото на Рацин, а тоа е преведено на еден современ сценски јазик односно на јазикот на нашето време. Претставата не си дава за задача и одговорност да го раскажува животниот пат на Рацин или да одговара на некој историски лавиринти и контексти, туку е наша рефлексија за она што претставува денес Рацин, вели Пројковски според кого целиот процес на создавање на претставата бил интересен и возбудлив.
Директорот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, Сашо Димоски, кој е и драматург на претставата, вели дека самиот процес на создавање на претставата бил возбудлив зашто како што додава, се занимавале со Рацин од другата страна на стихот, од другата страна на зборот, од другата страна на она историското кое е општопознато за јавноста, и при тоа, сето тоа да се преведе на автентичен сценски јазик со помош на театарските изразни средства.
-Драматургијата во претставата е кроена според прозата или поезијата на Рацин од една страна, а од друга страна и според оние таканаречени метатекстуални записи кои постојат во самиот опус на Рацин. Во драматургијата се занимавав со откривање на работи за Рацин кои досега нам ни се непознати и во оваа смисла верувам дека претставата понуди една нова вистина за сето она кое ние го знаеме за Рацин. Ние не можеме да го замислиме развојот на современата македонска поезија, проза и уметност генерално без да зборуваме за Рацин. Во таа смисла, ова ново откривање на идентитетот на Рацин сметам дека истовремено е и навраќање кон суштините заради кои ние денеска сме тука каде што сме, појаснува драматургот Димоски.
Пред преполното гледалиште во Центарот за култура „Григор Прличев“ , претставата изобилуваше со неверојатни визуелни и музички сензации, креации на костимографот Раде Василев и Елена Вангеловска, сценографот Валентин Светозарев, а музиката во живо беше изведена од Сашко Костов и Орхидеја Дукова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.