Националната установа Театар Комедија од Скопје, во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, оствари соработка со Народно позориште од Белград, каде што ќе гостува со мјузиклот „Боливуд“ од Маја Пелевиќ, а во режија на Наташа Поплавска. Претставата ќе се одигра на 5 декември, на сцената „Раша Плаовиќ“, со почеток во 20:30 часот. Со ова гостување Театар Комедија започнува културна соработка со Народно позориште од Белград, а следната година се очекува нивно гостување на сцената на Театар Комедија, со што се поттикнува иницијативата „Отворен Балкан“ и воспоставувањето идни културни соработки помеѓу Македонија и Србија.
„Боливуд“ е првиот мјузикл на Театар Комедија, работен по текст и сонгови на српската писателка Маја Пелевиќ, чијашто премиерна изведба се одржа во ноември 2019 година. Драмскиот текст „Боливуд“ е настанат во 2018 година и е инспириран од патувањето на авторката во Северна Кореја, а во истата година, Пелевиќ го поставува на сцената на Народно позориште во Белград. Една година подоцна, македонската режисерка Наташа Поплавска, инспирирана од делото, го поставува мјузиклот „Боливуд“ на Маја Пелевиќ како дел од годишната програма на Театар Комедија. За изборот на текстот и мотивот за негово поставување на македонската сцена, Поплавска своевремено изјавува: „Боливуд, како индустрија за забава и среќа, станува место за подем на солидарноста и хармонијата, вредности кои ги имаме заборавено во пост-комунистичкиот период, транзицијата и апсурдното време во кое живееме. Овој наш боливудски мјузикл гради своја кабаретско-боливудска форма која допира до нашите блиски колективни мемории“. „Боливуд“ е четврти мјузикл на Наташа Поплавска и прв на матичната сцена во Театар Комедија, по претходните исклучително успешни поставки на лиценцираните мјузикли: „Кабаре“ во 2006, „Чикаго“ во 2015 година и „Мама миа!“ во 2017 година.
Во двомесечната подготовка на „Боливуд“ е вклучен голем тим од професионалци, и тоа: Наташа Илиевска, преведувачка на текстот и сонговите, заедно со режисерката Поплавска, која се јавува и како костимограф и кореограф, композиторот Огнен Анастасовски – автор на музиката, Емил Петров – сценограф и видео аниматор, Милчо Александров – дизајнер на светло, Бојан Угриновски и Томи Анчов – дизјанери на звук и Сара Пројковска и Ана Костадиновска – вокални корепетитори.
Во мјузиклот играат актерите: Жаклина Стевковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски.
Ова е второ гостување на „Боливуд“ надвор од границите на Македонија, по гостувањето на 17. издание на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора, на 29 ноември 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.