„Кајмак“, новиот филм на најнаградуваниот филмски режисер Милчо Манчевски ќе има светска премиера на 26 октомври на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ). Филмот ќе биде дел од официјалната конкуренција, со што ќе се бори за награди, а ќе има три проекции во рамките на фестивалот.

Фестивалот почнува на 24 октомври и ќе трае до 2 ноември. Фестивалот во Токио е на А-листата заедно со Берлин, Кан и Венеција, најголем е во Азија и еден од најголемите во светот.

Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак“ ќе продефилираат на црвениот килим во Токио и ќе учествуваат во два разговори со публиката. Манчевски ќе одржи и специјален мастерклас за јапонската стручна публика и за студенти.

Јане Ќортошев, македонскиот копродуцент на „Кајмак“ најави дека по светската премиера, македонската премиера се очекува да биде во средината на ноември.

Македонија до Токио! Филмот добива прекрасен старт на својот живот и сигурен сум дека ќе има богат фестивалски живот и понатаму, рече на денешната прес-конференција Ќортошев.

Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а сите негови филмови се исклучително почитувани. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.

Кога првиот пат бев во Токио го држев во раце златниот лав од Венеција на Куросава (за „Рашомон“) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-тина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио“, рече Манчевски.

На прес-конференцијата беше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска која рече дека Манчевски повторно нè носи во Јапонија со неговиот најнов филм.

Во меѓувреме светот дозна за Македонија преку неговите филмови. Тие ги пренесоа на сите континенти, во стотина земји, убавините на нашата земја, ама – уште поважно – вредноста на македонската култура и македонскиот јазик, рече министерката.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

Во „Кајмак“ поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти се од државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд Еуроимаж. Агенцијата за филм на Македонија обезбеди 48 проценти од буџетот, а Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Во екипата се вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија и Србија.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, една од најискусните холандски продуценти („Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов“ на Томас Винтерберг). Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот Дејниш стринг квартет, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.