Љубители на независната култура, музичари, театарџии, изведувачи, уметници, стотици граѓани од најразлична возраст денеска на пладне пред платото на Младинскиот културен центар (МКЦ) дојдоа да го одбранат МКЦ од лошиот вкус.

Настанот беше организиран од колективот на млади музичари „Гола планина“, а се случи поради кратење на буџетот од страна на Град Скопје и промена на досегашниот директор на Центарот, Ванчо Богоев.

Програмскиот колегиум на МКЦ преку соопштение до медиумите објасни дека МКЦ повторно е на мета на партиски мегдан и соопштува дека институцијата добила нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција.

Богоев во два мандати по шест месеци беше в.д. директор на МКЦ, откако се смени градската власт и на чело на градот дојде Данела Арсовска. Богоев 36 години е вработен во МКЦ. Лани во ноември, институцијата ја доби наградата „13 Ноември“.

Во рамки на протестниот музички собир, денеска пред центарот се потпишуваше и петиција. Барањата на петицијата се зголемување на буџетот на институција од државните ресурси за култура. Дополнително, преку петицијата се бара да се стави „МКЦ надвор од политичките игри“.

Организаторите планираат петицијата да ја испратат до Град Скопје и Министерството за култура, но дека засега примарно им е да соберат што повеќе потписи.

На настанот настапија Дина Јашари, „Хајка“, „Новиот почеток“, раперот Никола Трпески „S.A.M.“, потоа, младиот музичар Мартин Џорлев, кој е и дел од колективот „Гола планина“ и други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.