Неодамнешното четврто издание на „Златна рамка“ повторно ги начна темите што го кочат филмот и македонската кинематографија, со посебен акцент на Законот за филм и статусот на филмските работници во државата.
Актуелниот закон за филмска дејност, донесен во 2014 година, не е во согласност со начелата на Друштвото на филмски работници на Македонија и веќе подолго време ДФРМ се залага за донесување нов закон, со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници во државата.
Овие прашања беа отворени и на неодамна завршеното четврто издание на манифестацијата „Златна рамка“, чија цел е промоција и доближување на македонскиот филм до публиката, каде што меѓу другото беа опфатени важни теми што го кочат филмот и македонската кинематографија, со посебен акцент на Законот за филм и статусот на филмските работници во државата.
Во рамките на „Златна рамка“ се одржа интернационалниот филмски форум на темите „Модели на финансирање и легислатива“ и „Регионална соработка, можности и унапредување“, на кој учествуваа девет директори на национални филмски фондови и продуценти од осум земји, меѓу кои Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција, кои ги споделија своите искуства и третманот на филмот во нивните земји. На Форумот се разговараше за теми кои во другите држави се одамна апсолвирани, но не и кај нас, а тоа е стандардизацијата на буџетите за филм, позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, моделите на копродукција итн.
Хрватите се пофалија со буџет од 10,5 милиони евра од државата, додека Словенија има 6,5 милиони евра и се бори за повеќе. Турција ја поседува најголемата филмска индустрија на Балканот и на државно ниво безрезервно вложува во продукција и филмска промоција. Грција гордо истакна дека Роберт Де Ниро периодов снима кај нив, а одлично искуство имале и со Антонио Бандерас. Македонија во моментов „кубури“ заеднички со Црна Гора, Албанија, Косово…
Според режисерот и претседател на ДФРМ, Игор Иванов-Изи, една од битните сопки е непостоењето на стандарден буџет за филм. „Биполарниот“ буџет потекнува од Министерството за култура, секој министер (а сведоци сме дека за пет години се сменија пет министри) има различни погледи, различни приоритети… И некако на нишан секогаш е буџетот за филм. Тоа значи ако една година буџетот од државата е два милиони евра, следната година може да е 1,5 или 1 милион, а со ребалансот на буџетот може и пак да се намали, и филмските работници да се остават на цедило, без однапред предвидените и ветени пари, а нивните проекти да чекаат подобри времиња, подобри услови, или нова гарнитура во министерството, со поперспективни погледи кон филмот.
Во Македонија имаме голем проблем со тоа што кај нас не постои стандарден буџет за филм, па политичките инстанци можат да ја моделираат оваа ставка по свое видување и потреба. Кога се случуваат ребаланси на буџетот, некако наједноставно им е на надлежните да скратат од културата и филмот, а сето тоа може да ја доведе во прашање егзистенцијата на филмската дејност, бидејќи во најголем дел од случаите станува збор за независни продукции, кои зависат од овие пари. А Друштвото бара само стабилен, стандарден буџет и властите да си останат на зборот, да ги одржат ветувањата. Кога има вакви кратења на буџетот за филм и кога за тоа ќе ги известиме колегите копродуценти од другите земји дека можеби ќе има намалување на буџетот, тие не можат да го разберат тоа. Друштвото на филмските работници предлага ставката за финансирање од буџетот на државата да биде по жител, како што е случај во скандинавските земји, на пример, и да бидат воведени одредени даночни олеснувања, како и финансирање на филмот и преку локалната самоуправа“, вели Иванов.
Еден од предизвиците што си го постави ДФРМ е и да се дефинира статусот на филмските работници, што е од круцијална важност за оваа индустрија. Без нив ниту еден филм не би се снимил, ниту еден проект не би се реализирал, а максимумот што го добиваат е хонорар и статус фриленсер. Филмските работници можеби не се директни автори во процесот на создавање на филмот, но се важни чинители за секоја филмска продукција.
Според првиот човек на ДФРМ, Игор Иванов, секаде во светот и во сите кинематографии постојат колективни договори и агенции преку кои се решава статусот на филмските работници. Според него, на членовите на ДФРМ, а станува збор за нешто повеќе од сто луѓе, треба да им биде дефиниран статусот. Во минатото тие биле вработувани во „Вардар филм“, а по распаѓањето на Југославија и трансформацијата кон приватни продуцентски куќи, овие луѓе останаа без статус и соодветна поддршка од државата. Со донесувањето на новиот закон за филм, тие се надеваат и очекуваат да биде решено и ова битно социјално прашање во филмската дејност.
ДФРМ уште пред две години, при одбележувањето на 70 години од своето постоење си постави задача да се официјализира и дефинира статусот на филмските работници. Станува збор за голем број професионалци (мајстор на сцена, фар-мајстор, шарфер, гафер, мајстор на светло, гардеробер, асистент-костимограф и други), кои не се директни автори во процесот на создавање на филмот, но се важни чинители за секоја филмска продукција. Овие луѓе не се некаде вработени, односно станува збор за фриленсери што заслужуваат да имаат решен статус. Тие напорно работат, некогаш и по 12 часа дневно, на терен, планина, во екстремни услови за хонорар, а кога ќе бидат физички немоќни да останат во професијата, би можеле да останат без заслужениот пензиски надоместок. Сите оние што учествуваат во градењето на сцената и сите луѓе што работат зад камерите, исто така заслужуваат да имаат свој статус. Со донесувањето на новиот Закон за филм се надеваме и очекуваме да биде решено и ова битно кадровско прашање во филмската дејност“, потенцира Игор Иванов-Изи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.