На третиот фестивалски ден, средношколците учесници на „Џифони Македонија“ ќе можат да го видат „Лубеница“, новиот краток филм на авторите Мартин Чичовски и Оливера Каменаровска, која е и продуцент. Проекцијата која е од отворен карактер, е закажана во 16.45 часот, по што ќе следува разговор Мартин Чичовски и дел од екипата што работеше на филмот.
Во 15:45 часот во киното „Фросина“ ќе се одржи првата од двете средби наречени „ЕПИК разговори“, дел од проектот ЕПИК, нова содржина на „Џифони Македонија“ од годинава. Станува збор за сегмент кој поврзува млади и фестивали од повеќе земји од регионот, кои преку филмската уметност се борат за заедништво и мир. Гости на средбата ќе бидат претставници на неколку фестивали од регионот – Омладински филмски фестивал од Босна и Херцеговина, „Филмарт“ со фестивалот „Интеракција“ од Србија и Олимпија филм фестивал од Грција.
Од 18 часот, ќе следува традиционалната меѓународна вечер на која сите учесници од девет земји ќе ја претстават својата култура на свој автентичен начин, преку музика, храна и сл.
Јуниорите утринава ќе ги посети познатиот актер Игор Ангелов кој ќе им се придружи на дискусијата по денешниот филм „Најлошите“.
Како пасијата кон филмот да ја претворите во ваш успешен онлајн-производ вреден глобално – ова вчера на учесниците на „Џифони Македонија“ им го доловија основачите на инстаграм-профилот Filmthusiast, еден од најпосетуваните профили посветени на филмската уметност, со дури 3.2 милиони следбеници. Андреј и Христијан им ја раскажаа својата приказна на младите и предизвикаа големо внимание и многу прашања за тоа како дошле на оваа идеја. Приказната ја започнал Андреј во 2017-та, кога бил четврта година средно, воден само од страста кон филмовите. Кога по две години бројот на следбеници започнал да расте, тие сфатиле дека она што го прават им се допаѓа на луѓето и дека има потенцијал да ги надмине сите нивни првични очекувања. Денес нивниата инстаграм страна е светски признат филмски веб медиум, а големите филмски студија ги бараат за соработка и промоција на нивните најнови остварувања.
-Ако се трудите доволно во тоа што го работите, не може да не ви успее. Ако имате идеја, развивајте ја и посветете ѝ се, им порачаа тие на младите. Мора да бидете оригинални. Исто така, на тема филм, многу е важно да гледате и постари филмови, послушајте ги препораките на вашите родители, не ги одбивајте постарите наслови како здодевни и немодерни. Од нив може да стекнете важна филмска култура – им посочи Христијан.
Тој објасни дека потежок дел од проектот е да се смисли содржината, за која се грижи Андреј, додека тој е повеќе за контактите со филмскиот свет.

-Не знам да кажам каде се гледаме во наредните години, но сигурно сакаме да напредуваме на полето на филмската индустрија и да откриваме нови можности – рече Андреј.
На вториот ден од „Џифони Македонија“, на програмата на кадетите и сениорите беа израелскиот филм „Делегација“ и францускиот „Фантастичните тројца“, а потоа тие го гледаа и првиот блок филмови кандидати за наградата ЕПИК, а потоа гласаа за нивниот фаворит. Вториот блок е на програмата во недела.
Младешки џагор, насмевки, среќни млади е дел од атмосферата во Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија. Во тек се креативните работилници, на кои учествуваат сите џифонци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.