Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола во изминативе четири години интензивно се обновува, осовременува и се работи на нејзина комплетна реконструкција.

Конзерваторско-реставраторските зафати започнаа во 2016 година кога беше изработена проектна документација за осовременување на куќата. Во 2018 година од Министерството за култура беа доделени 250.000 денари за реализација на предвидените активности, со што беше комплетно заменета електричната инсталација и беа преземени некои помали зафати во ентериерот, што повторно беше во согласност со висината на доделените средства.

Подоцна во 2019 година, од Министерството повторно беа обезбедени 350.000 денари, во 2020 година 400.000 денари, во 2021 година 310.000 денари и за 2022 година се предвидени 400.000 денари.

Навистина ми е драго што секоја година се издвојуваат средства за Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола, а со тоа се врши континуирана реставрација и очекувам да куќата повторно да биде отворена за секој посетител. Токму неговата мисла, „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ треба да биде врежана во сите нас затоа што македонското културно наследство треба да го негуваме секојдневно – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Со овие средства досега е заменета и кровната конструкција, дограмата, реставрирана е фасадата, а сега се преземаат градежни работи на ентериерот на објектот.

Во оваа куќа, Гоце Делчев во 1901 година престојувал во домот на тогашниот началник на Реонскиот комитет на ВМРО во Битолско, Михаил Ракиџиев. Во Битола останал два месеца, а за тоа време, во битолскиот затвор го посетил и војводата Даме Груев и остварил средби и со други истакнати припадници на револуционерната организација. На заминување, во знак на благодарност, му подарил пиштол на Ракиџиев, што како реликвија се пренесувал од генерација на генерација и на крај, завршил како вреден експонат во Спомен куќата.

Куќата содржеше две изложбени простории со вкупна површина од 37 квадратни метри. Едната имаше документи и фотографии за дејствувањето на војводата, а во другата, каде Делчев ги одржувал состаноците, беше задржан ентериерот во оригинална состојба. Таму беше и гобленот извезен од разнобојни монистри, кој за спомен му бил даден на Ракиџиев од политичките затвореници во Централниот битолски затвор.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.