Со концертот насловен „80 години – Љубов“, в четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Малер. Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија- маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, добива позитивни критики за својата моќна виртуозност и длабоко изразен пристап, како и за неговото харизматично присуство на сцената. Пред дваесет години започна на меѓународната сцена како уметник од новата генерација на „Би-би-си“, и во својата неверојатно брзорастечка кариера, без ограничувања во музиката, има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот Филхармонија, Националниот оркестар на Франција, Кралскиот оркестар Концертгебау, Оркестарот Тонхале во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Радио-симфонискиот оркестар Берлин и Елбфилхармонијата. Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и Балтимор. Во Јужна Америка има изградено прекрасна релација со Оркестарот „Естабле дел Театро Колон“, а настапувал и со симфониите на Сеул, Хонгконг и со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн и Нов Зеланд. Трпчески има работено со голем број истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман… Неговата долгорочна соработка со Василиј Петренко резултираше со богата дискографија; меѓу другите и заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар ги снимија сите пијано-концерти на Рахмањинов и пијано-концертите на Чајковски и Прокофјев… Во сезоната 2023-24, како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар, Трпчески го сними својот најнов албум за „Лин Рекордс“, кој ќе ги содржи концертите бр. 2 и бр. 5 на Сен-Санс под диригенство на Томас Сондергард. Во сезоната 2024-25, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови бројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и Оркестра Симфоника де Сао Паоло, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија…. Бројна е и неговата рецитална програма во големи сали во градови како Њујорк, Сан Франциско, Вашингтон, Лондон, Париз, Амстердам, Милано, Минхен, Прага, Хамбург, Билбао, Истанбул, Даблин и Токио. Од своето деби во Вигмор Хол во 2001 година, тој редовно настапува во оваа престижна сала, а неговиот природен афинитет кон руските композитори од 19 и 20 век е претставен во седум албуми со рецитали. Инаку, Трпчески е посветен и на зајакнување на културниот имиџ на неговата родна Македонија. Неговиот проект за камерна музика „Македонисимо“ е посветен на запознавање на светската публика со богатите традиционални македонски фолклорни корени. Со посебна поддршка од „КултурОп“ – македонска организација за култура и уметност – Симон Трпчески редовно работи со млади музичари во својата татковина, негувајќи го талентот на идната генерација уметници. Во 2009, доби Орден за заслуги на Македонија, награда за странски и домашни заслужни личности за афирмација на Македонија во странство. Во 2011 година стана првиот што ја понесе титулата „Национален уметник на Македонија“. Роден е во Македонија во 1979 година, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Борис Романов. Беше уметник од новата генерација на „Би-би-си“ во периодот 2001 – 2003 година, а во 2003 година ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво.
Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19.30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр.2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.
Свечениот концерт на Македонската филхармонија преку директен пренос ќе го пренесува МРТ со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број на публика, ширум нашата држава.
Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со знајачни дејци од музичиот живот во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.