Со филмот „Раката на господ“ на Паоло Сорентино ќе се отвори 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, што оваа година ќе се одржува од 19 до 26 август. Фестивалот се затвора со премиера на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ од Кристијан Ристески, објави на денешната прес-конференција во Скопје директорот на Фестивал Симеон Мони Дамевски.
Дамевски кажа дека во Битола ќе пристигне кинематограферката на филмот на Сорентино, Дарија Д‘Антонио, а покрај неа и добитникот на Златната камера 300 за животно дело, Ентони Дод Ментл.
Ги имаме сите предуслови за добар фестивал. Имаме проширена програма. Имаме исклучителни гости кои сами се јавуваат да дојдат на неколку дена во Битола. Имаме неверојатно добра понуда на филмови и ни се доделени доволно пари за да обезбедиме сè што треба. Годинава ќе го имаме Ентони Дод Ментел, директорот на фотографијз и кинематографер како што биле браќата Манаки. Соработувал со одлични режисери, номиниран за Оскар, и тој е првиот кој добил Оскар зашто снимил филм со дигитална камера. Тоа е нашиот лауреат за животно дело. Чекаме да ни потврди и кинематограферот на „Гладијатор“, на „Икс мен“, Џон Метисон. Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, таму имаме најмногу седишта, втората локација е киното Манаки, каде што ќе се одвива документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса која ќе биде отворена за Мак корнер програмата. Секоја вечер ќе има филмови, рече директорот на фестивалот Дамовски.
Во четирите натпреварувачки програми ќе се прикажат вкупно 54 филма, од кои 14 во главната, 12 во кратката, 10 во документарната и 18 во студентската.
Во главната програма доминираат наслови од Канскиот фестивал, меѓу кои е и годинашниот победник „Триаголник на тагата“, а само третпат досега се вклучени и два домашни филма, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски. „Мими“ имаше македонска премиера на отворањето на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје, а „Снежана на крајот умира“, е деби на режисерот Ристески, кој имаше светска премиера на фестивалот Слемденс во САД, лани во декември.
„Снежана на крајот умира“ е продукција на „Вертиго визуал“, а продуцент е Дарко Попов. Играат Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев. По сценарио на Ристески, филмот раскажува за седум луѓе кои живеат во време кога се во конфликт со нивните вредности.
„Ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Баскет“ на Димитар Банов ќе бидат македонските претставници во селекцијата на краткометражни филмови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.