Со премиера на современиот балет „Сага (идентитети)“ на кореографката Рисима Рисимкин вечерва и утревечер во 20 часот се отвора новата сезона на Национлната опера и балет.

Насловните улоги ги толкуваат прима-балерините Марија Кичевска Шокаровска и Мирјана Поп-Алексова Атанасова, како и истакнатата солистка Саша Евтимова, придружувани од Балаж Лочеи (к.г. Унгарија) и другите солисти и ансамблот на Балетот. Настапуваат и: Наташа Трендафилова Гицев, Илијана Данилов, Христина Наќевска, Игор Веланоски, Ендру Кук (к.г.Англија), Веселин Трајковски, Алфред Јаго (к.г. Англија), Франциско Хименез Руиз (к.г Шпанија) и Мирослав Митрашиновиќ.

Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка” на великанот Блаже Конески.

Македонската кореографка Рисима Рисимкин, која последниве години е актуелна на танцовите сцени во Париз, Њујорк и Пекинг, каде за нејзините кореографски остварувања добива одлични критики, после подолго време на наша покана, работи престава во Националниот балет. Рисимкин подготви национално дело, инспирирано од музиката, традицијата и современото македонско поетско творештво, каде прави симбиоза помеѓу битовота, класичната и модерната танцова лексика преточена во музиката на светски познатиот композитор Тони Китановски, костимите се на повеќе пати наградуваниот костимограф, Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ, чии сценографски решенија добиваат одлични оценки на познатите танцови светски сцени. Авторската екипа, во соработка со танчерите на Националниот балет, создаде едно спектакуларно дело, во кое се испреплетува историјата, традицијата и современиот уметнички израз – вели Олга Панго, уметнички директор на Балетот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.