Со премиера на преставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, а по текст на Роланд Шимелфениг, вечерва во 20 часот во Драмски театар Скопје се отвора второто издание на Регионалниот театарски фестивал РУТА кој ќе трае до 8 октомври.

Во „Фирма“ публиката е на сцена и само 90 луѓе ќе може да следат претставата. Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката на Нела Витошевиќ

Според режисерката Витошевиќ идејата во „Фирма“ е да се прикаже еден суров корпоративен свет, кој е огледало на капиталистичкото општество, преку конфликтни релации на шест карактери, кои се тркаат да стигнат до врвот на хиерахиската пирамида.

И во таа трка со времето, во таа трка до целта, тие на некој начин се губат себеси, го губат својот социјален живот. И кога ќе се свртат некаде таму, гледаат дека нивните животи се комплетно празни, дека освен работата, сè друго оставиле во втор план и се чувстуваат крајно осамено. Тоа е на некој начин што мислам дека го носи капитализмот, а тоа е комплетно оттуѓување на луѓето. Со интензивирање на социјалните мрежи, мислам дека човечката релација се изгуби, мислам дека луѓето се претвораат многу повеќе во машини, тој природен допир се изгуби и мислам дека тоа на некој начин ние пробуваме да го пренесеме во претставата, кажа денеска на прес-конфренцијата во Драмски театар Витошевиќ.

Таа објасни дека претставата е конципирана да биде како една ринг-арена во која што ликовите имаат конкретен противник, но многу често тие самите на себе си се противници.

Во таа арена, освен со конкртениот партнер со кој се во спрега и во конфликт, тие преку внатрешни интроспекции, ги покажуваат нивните внатрешни конфликти, внатрешни борби и проблеми и на некој начин правиме огледало на капиталистичкото општетсво денес преку таа ринг арена, во која сите се како ѕверови, се јадат меѓу себе, само за да стигнат до некоја цел, која понатаму гледаме и дека не е толку важна, затоа што ги заборавиле поважните работи во нивните животи и останале сами на крајот на денот, вели Витошевиќ.

Следните изведби на „Фирма“ се на 13. и 14. октомври.

По свеченото отворање на фестивалот, на 4 октомври (среда) македонската публика ќе го проследи „Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.

В четврток е „Нора“ на Местно гледалишче Љубљана, во режија на Нела Витошевиќ. На програмата на четвртиот фестивалски ден на 6 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево во режија на Дино Мустафиќ. Автор на текстот е Флоријан Зелер.

В сабота гостува Београдско драмско позориште (БДП) со претставата „Самрак на боговите“ во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.

Со претставата „Отело“ театарот Улисис од  Хрватска го затвора фестивалот РУТА во недела на 8 октомври. Режијата и е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите освен на актерите на Улисис е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.