Дваесетина поети од земјава и од странство синоќа имаа поетско читање во Музејот на современа уметност во Скопје, со што и официјално заврши 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Настанот наречен Меѓународен поетски митинг го проследија повеќе љубители на пишаниот збор.

Фестивалот, кој траеше од 24 до 28 август, свечено беше затворен завчера вечерта на Мостот на поезијата во Струга, каде што беа доделени и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.

Награди им беа врачени на годинешниот лауреат и добитник на „Златен венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ, на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој годинава се одржуваше под мотото „Чувствотворен јазик“, настапија повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.

Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.