Со концерт на Воениот оркестар на Армијата вечерва, на 22 март во Филхармонија (20 часот) почнува новото издание на фестивалот „Денови на македонската музика“. Диригент е Горан Илијевски.

На концертот ќе бидат изведени дела од македонските композитори создадени за голем дувачки оркестар. Програмата на 47. „Денови на македонската музика“ е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи, на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски, но и јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и НУ „Танец“ – 75 години од основањето.

Вториот концерт е на 24 март (недела), во малата сала на Филхармонијата, камерниот оркестар „Профундис“ и солисти ќе ги изведат делата на композиторите Гоце Коларовски, Фатос Лумани, Дарија Андовска, Гоце Гавриловски и Ангел Спироски.

Програмата на фестивалот вклучува премиерни изведби на дела од помладата генерација, како и изведби на дела што се вбројуваат во ремек-делата на сите генерации композитори. Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет, Филхармонијата, камерниот ансамбл „Алтус“, а ќе заврши со традиционалната трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.

Уметничкиот одбор и СОКОМ, при кониципирањето на програмата, поаѓаат од фактот – домашното уметничко творештво зависи од сите нас, од нашата одговорност и од нашата грижа да овозможиме создавање, изведба и промоција на дела што ги означуваат нашите минато, сегашност и иднина.

Влезот на сите концерти е слободен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.