Со концертот насловен „Зорнина“ на 6 октомври се отвора новата концертна сезона на Филхармонија насловена „Дамар на слободата“.

Секоја концертна сезона има ново име, оваа музичка сезона ја насловивме „Дамар на слободата“, а инспирација ни беше последниот концерт во претходната сезона кој беше насловен „Слобода“. Насловот произлезе од слободата која ја донесе своевидното излегување од пандемијата, но и како слобода во музиката, изразот, живеењето. Во новата сезона ќе не води дамарот, односно „пулсот“ на слободата. Насловите на концертите се инспирирани од архаични зборови во македонскиот јазик, со што сакаме да дадеме акцент на некои заборавени зборови од богатата ризница на нашиот јазик, рече на денешната прес конференција Тина Иванова, директорка на Филхармонијата.

На концертот на отворањето на сезоната како солисти ќе настапат врвните пијанисти Алексеј Володин и Едит Пења, а диригент е маестро Гудни А. Емилсон од Исланд. На програмата се дела од генијалниот Волгфанг Амадеус Моцарт – три клавирски концерти и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“.

За првпат во една концертна вечер ќе бидат изведени три концерти за пијано од Моцарт, што претставува своевиден куриозитет на овој концерт, истакна Иванова.

Со концертот насловен „Далга“ кој ќе биде изведен и во Скопје на 12 октомври, оркестарот на Филхармонија ќе гостува и во Белград на 16 октомври. Диригент на овој концерт е маестро Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи Рафаел Агире на гитара од Шпанија. На програмата се дела од Петровски, Родриго и Чајковски.

Гостувањето во Белград е од исклучително значење за нашата институција, историски настан за нас, подвлече Иванова.

До крајот на сезоната публиката ќе има можност да проследи низа интересни концерти со возбудливи солисти и диригенти и да чуе деликатно избрана програма. До крајот на годината со оркестарот на Филхармонија ќе настапат диригентите Кондрад ван Алфен, Емил Табаков, Борјан Цанев, Виктор Митревски, а како солисти ќе настапат и голем број македонски солисти – виолнистите Владимир Костов и Даниел Лазаревски, чембалистката Цветанка Созовска, тенорот Благој Нацоски…

Насловите на концертите во сезоната „Дамар на слободата“ се извлечени од богатата ризница на архаизми во македонскиот јазик – „Вида“, „Азно“, „Меѓа“, „Далга“…

Во рамки на програмата до крајот на оваа година е и концертот за деца „Магичен глас“ како и концертот „Омаж за маестро Александар Џамбазов“ кој ќе се реализира во рамки на програмата на фестивалот „Денови на македонската музика“.

Филхармонија за првпат по подолго време ќе соработува и со НОБ, со чии ансамбли заедно ќе го изведат Вердиевиот „Реквием“ на „Мајските оперски вечери“ како и музиката на Збињев Прајснер од филмот „Три бои сино“ на режисерот Кшиштоф Кишловски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.