На концертот на отворањето на сезоната на Филхармонија како солисти ќе настапат врвните пијанисти Алексеј Володин и Едит Пења, а диригент е маестро Гудни А. Емилсон од Исланд. На програмата се дела од генијалниот Волгфанг Амадеус Моцарт – три клавирски концерти и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“.

За првпат во една концертна вечер ќе бидат изведени три концерти за пијано од Моцарт, што претставува своевиден куриозитет на овој концерт – вели Иванова.

Во соработка со Кинотеката на Македонија, во среда, на 5 октомври со почеток во 20 часот ќе се прикаже антологиското кинематографско дело на режисерот Милош Форман – филмот „Амадеус“ биопик, посветен на генијалниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт.

Проекцијата на филмот ќе биде своевидна увертира, пред концертот на 6 октомври на кој оркестарот на Филхармонија и пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења ќе изведат четири дела од богатиот музички опус на Волфганг Амадеус Моцарт.

Успеавме да ги обезбедиме правата за прикажување на филмот, откако го исконтактиравме синот на продуцентот на филмот „Амадеус“. Парите со кои требаше да ги платиме парите за прикажување, на барање на продуцентската куќа ќе ги донираме во хуманитарни цели – вели Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Р.Македонија.

Филмот „Амадеус“ е снимен во 1984 година, а сценарист е Питер Шефер. Филмот е адаптација на истоимената театарска претстава на Шефер, во која акцентот е ставен на наводното соперништво помеѓу Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, двајца композитори кои живееле во Виена, Австрија, во втората половина на XVIII век.

„Амадеус“ беше номиниран за вкупно 53 награди од кои освои 40, меѓу кои и осум „оскари“ (вклучувајќи и „оскар“ за најдобар филм), четири БАФТА награди, четири „Златни глобуси“ и една од Режисерското здружение на Америка.

Во 1998 година, Американскиот филмски институт го рангираше филмот на 53-тото место на листата „100 години… 100 филмови“.

Освен проекцијата на „Амадеус“, Кинотеката во соработка со Филхармонија ќе прикаже уште четири филмови „Малер“ на Кен Расел, „Проба на оркестарот“ на Фредерико Фелини и немиот филм „Сатанска рапсодија“ од 1917 година за кој музиката ја напиша Пјетро Маскањи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.