По пауза од две и пол години поради корона пандемијата, на сцената не велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ на 21 април во 20 часот повторно ќе биде изведена популарната комедија „Слуга на двајца господари“ во режија на Ненад Витанов.

Претставата премиера беше узведена на 2 ноември 2019 година. Во претставата настапува речиси целиот театарски ансамбл на велешкиот Народен театар. Како Труфалдино – Благојчо Стојанов, Флориндо – Жарко Спасовски, Беатриче – Симона Димковска, Пандолфо – Самоил Стојановски, Розаура – Славица Манаскова, Ломбарди – Зорица П. Панчиќ, Силвио – Кристијан Саздовски, Тебалдо – Фаик Мефаилоски, Бландона – Сандра Танчева, Софија – Весна Димитровска Бобевски и Џовани – Јордан Витанов.

„Слуга на двајца господари“ е позната и популарна комедија во историјата на светската драма и театар, напишана во 1746 година како типична комедија дел арте. Дејството е сместено во Венеција, а во основата се актерската импровизација и бурлеската со кои се карикираат личности од сите општествени слоеви.

Претставата е комедија, која зборува на современ јазик, за проблемите кои се вечни. Тоа е светот на богатите и сиромашните. Во животот е социјална драма а во театарот е комедија. Главниот јунак се бори да врзе крај со крај, не месец за месец, туку ден за ден. Низ неговата приказна го следиме цело едно општество, што се случува. Претставата е во современ контекст и секој од публиката ќе се пронајде во неа.

Сценографијата е на Филип Витанов, а костимографијата на Катерина Чукниева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.