Драмски театар Скопје нема да организира комеморативни седници по повод смртта на театарологот и долгогодишен директор Ристо Стефановски и актерките Сабина Ајрула и Мајда Тушар, туку ќе им се заблагодари за сè она што му го дале на театарот на 28 април, четврток, кога ќе го прослави 76. роденден на Драмски.

На 28 април, во 12 часот ќе го славиме животот и делото на сите наши кои ги изгубивме во изминатава година. Нема да правиме комеморација за нив. Ќе им се заблагодариме. На Ристо, Сабина, Мајда, Вида… за сè она што му го дадоа на Драмски, кој без нив немаше да биде тоа што е денес. Ќе се потрудиме со своето присуство да им дадеме барем малку благодарност за она многу што Драмски го доби од нив, објави Драмски театар на својата страница на Фејсбук.

Денеска, на 21 април, Драмски театар го слави 76. роденден. Оттаму најавуваат дека 28 април ги очекуваат колегите, соработниците, почитувачите на Драмски, без билети и официјани покани и протоколи да дојдат и да го прослават роденденот на Театарот.

Денес нема да пишуваме историја и биографија на Драмски. Напишана е. И допрва ќе се допишува, велат од Драмски.

Минатиот четврток, на 14 арпил на 72 години почина Мајда Тушар, актерка во Драмски од 1972 до 2015 година. Тушар дипломираше актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности Скопје и веднаш по дипломирањето активно се вклучи во тековниот репертоар на Драмскиот театар, особено во проектите на Вечерната сцена.

Мајда Тушар

Ристо Стефановски беше теататролог, театарски историчар и долгогодишен директор на Драмски театар Скопје (1957-1983). Почина на 22 март годинава. Од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Од пролетта 1957 година раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија. Од 1983 година Ристо Стефановски е генерален директор на Македонскиот народен театар во Скопје.

Ристо Стефановски

Сабина Ајрула-Тозија, една од најзначајните и најпопуларните македонски актери, почина на 10 август 2021 година на 75 години, по тешко боледување. Во кариерата долга над половина век, Ајрула одигра над 70 значајни улоги на сцената на нејзиниот матичен Драмски театар, но и во скоро сите театри низ земјава, од Македонскиот народен театар, Турскиот театар, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, Народниот театар од Куманово, Театарот за деца и младинци – Скопје до независни поставки.

Сабина Ајрула Тозија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.