Во исчекување на Законот за употреба на македонскиот јазик, кој веќе подолго време помпезно е најавуван од страна на Министерката за култура, не може а да не прашаме до каде е новиот Закон за култура кој после два изготвени нацрт предлог текста и поминати седум години, не го виде светлото на денот, велат од Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ).

Од таму поочуваат дека последната јавна дебата во јули 2023 година требаше да биде завршница на еден долг и мачен процес кој конечно ќе донесеше одредени промени за сите чинители во културата. Наместо тоа, велат од СКРМ, законот остана во нечија фиока и никој од учесниците во неговата изработка не ја виде последната верзија со забелешките добиени од јавната дебата и енер.

СКРМ учествувајќи во работата на работните групи во Министерството за Култура за предлог-законот за култура и во 2018 и во вториот најнов предлог-закон од 2023, заемно со претсатвниците од министерството утврдивме дека процесите како ‘оценување’, ‘реаудиции’, ‘управување со ефект/учинок’, ‘вработување на определено’, итн. од законот од 2014, се нефункционални и неприменливи онака како што се замислени. За ова имавме поддршка и од сите министри за култура од 2017 па наваму. И покрај тоа, последните две години директорите по секоја цена, а во одредени институции и со закани за казни спрема вработените и комисиите, ги спроведуваат реаудициите и оценувањата, за кои ги убедуваат вработените дека се ‘про форма’, и како такви мора да ги спроведат бидејќи така е во законот за култура кој е на сила. Министерката за култура јавно ја декларира волјата за новиот закон, но во пракса ги поддржува директорите да го спроведуваат стариот, забележуваат од Синдикатот.

Збунети од целава ситуација која последниве две години се случува, јавно ја прашуваат министерката за култура: До каде е новиот Закон за култура и кога истиот ќе биде донесен?

Зошто некои одредби од Законот донесен во 2014 година почнуваат доследно да се применуваат во 2022 и 2023 година? И ако праксата во девет изминати години покажала дека нештото е неприменливо, во чиј интерес е да се практикуваат нефункционалните регулативи од Законот за култура донесен во 2014 година? Дали овие практики се заради притисок врз вработените и застрашување, за што за жал истиот закон и беше донесен во 2014?, прашуваат од Синдикатот.

За СКРМ примената на одредени одредби од стариот закон, покрај сите ветувања и заложби и после работата на два предлог-закони, е неприфатлива.

Доколку продолжи пасивноста на министерството за култура, а директорите упорното и на сила го продолжуваат спроведувањето на нефункционалните делови од стариот закон, СКРМ ќе биде приморан да превземе радикални чекори, посебно кон оние директори кои ќе применат закани и сила од позиција на моќ врз своите вработени, стои во соопштението на СКРМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.