Ситните лични интереси, незнаењето и стравот се темелите врз кои го градиме нашето општество, вели Нина Николиќ, режисерка на претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен чија премиера е закажана за понеделник, 9 мај, во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).

„Народен непријател“ претставува финален продукт од комплексниот проект „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ во рамките на Повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

Претставата се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој има право.

Драмскиот текст на Ибзен е напишан, во 1882 година и како што вели во интервју за „Репубика“ Николиќ, текстот за нас е поактуелен од кога и да било, зашто јасно ја отсликува стварноста во која живееме.

Во културните установи, школите, факултетите, владее апатија каква што веројатно немало никогаш порано

Исто како ликовите од драмата, живееме во општество каде што професионалноста и елементарните човечки права се толку маргинализирани така што полека почнуваат да исчезнуваат. Факт е дека со нашите животи управуваат партиски полтрони, кои што се поставени на чело на сите значајни институции. Основен критериум за напредок е приспособувањето на желбите на претпоставените, послушноста и систематското бришење на сите црти на индивидуалност… Во културните установи, школите, факултетите и сличните места, кои треба да бидат јадрото на научниот и духовниот прогрес, владее апатија каква што веројатно немало никогаш порано. Ситните лични интереси, незнаењето и стравот се темелите врз кои го градиме нашето општество, вели Николиќ.

Сè почесто слушаме „биди промената што сакаш да ја видиш“. Но дали гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот?

Идеите за промени најчесто доаѓаат од поединецот, а не од мнозинството. Да се биде промената што сакаме да ја видиме е само мал чекор кон вистински резултат, зашто најголемата битка започнува кога треба да се придобијат повеќе луѓе – или ако сакате некакво мнозинство – кои ќе ја практикуваат таа „нова идеја“. Гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, затоа што неговата сила е немерливо поголема од онаа на оној што наспроти него стои сам. Она што е контрадикторно е што моќта во вакви случаи е најчесто деструктивна сила која се приклонува на страна на неправдата, назадноста ширењето омраза, национализмот – полесно им е на луѓето да веруваат дека некој ги мрази и дека сака да ги уништи, отколку да се свртат кон себеси и таму да го бараат коренот на својата неоствареност. Неверојатно е тоа што истото тоа мнозинство кое си дава за право да суди живее на плеќите на оние малку поединци кои континуирано се борат за промени, правда, развој, вели режисерката.

„Народен непријател“ на Николиќ се занимава со значењето и величината на жртвата што секој вистински борец за подобро утре мора да ја поднесе во име на општеството, кое без размислување го прогласува за свој непријател.

Коренот на еколошките проблеми е во ненаситноста на човекот. Благодетите на конзумеризмот нè направија негови робови. Сметаме дека ни припаѓа привилегијата да си го олеснуваме секојдневието без да имаме обѕири кон природата и оние кои далеку од нашите очи се жртви на таа наша привилегираност. Како освестени поединци, ние имаме обврска да тргнеме од себе кога е во прашање животната средина, а победник е секој којшто ќе излезе од својата зона на комфор и кој трајно ќе ги промени своите навики. Тоа, во големата слика претставува голем чекор кон градење на поздрава и похумана иднина, смета Николиќ.

Напишана пред 140 години, драмата на Ибзен е актуелна и денес бидејќи говори и за кризата со која општеството повторно се соочува, за општествениот конформизам и политичкото користољубие. Оттука се поставува прашањето дали системот може да го уништи поединецот?

Како освестени поединци, имаме обврска да тргнеме од себе кога е во прашање животната средина, а победник е секој којшто ќе излезе од својата зона на комфор

Зависи за каков систем станува збор. Некои системи – на пример нашиот – се погубни за оние кои имаат поинакви, попрогресивни, а со самото тоа и понеразбирливи ставови од мнозинството. Таквите системи не само што ги умртвуваат и неутрализираат оние кои не им се покоруваат, оние кои сакаат да ги коригираат и оние ко им се спротивставуваат, туку и се јадат самите себе одвнатре на тој начин уништувајќи го и она малку добро што опстанало низ годините… Од друга страна, има системи кои знаат да ги препознаат и прифатат новите идеи кои се плод на прогресивноста и макотрпната посветена работа на некои поединци и од нив да створат квалитет од кој ќе може да просперира и мнозинството, и самиот систем. За жал ние сме далеку од ова последново, а причината за таквата ситуација е пред сè конформизмот кој е главен „предуслов“ за личен и професионален напредок овде кај нас, вели Николиќ.

Во „Народен непријател“ игра исклучителна актерска екипа: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.

Тешко е да се каже како е „одбрана“ оваа екипа – ова е можеби најдобрата екипа што може да се „одбере“ овде кај нас. Нашата соработка се заснова пред сè на взаемна почит посебно со различностите на секои од нас поединечно. Секој од членовите на оваа екипа е индивидуалец кој и во животот и во работата се застапува за високо професионални и човечки вредности притоа зачувувајќи го својот авторски, актерски и човечки интегритет. Ваквиот искрен пристап кон било која професија, а најмногу кон нашата е сличен на битката што ја води д-р Стокман во претставата и заслужува бескрајно внимание и должна почит, додава Николиќ.

По премиерата на 9 мај, следната изведба на 10 мај, во вторник (20 часот).

Предвидено е претставата да биде одиграна на повеќе фестивали во нашата земја и во странство.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.