В петок на 15 април документарниот филм „1000 години – Сведок на светлината“ посветен на Бигорскиот манастир, во режија на Илија Ико Каров премиерно ќе биде прикажан на Македонската телевизија, официјалниот Јутјуб канал на Бигорски манастир и на Фејсбук страницата на Бигорскиот Манастир и на страницата на филмот.
Екипата која работеше на филмот ја сочинуваат: снимател Илија Жоговски, продукциска екипа: Благој Веселинов, Бранко Блажевски, Горан Костадинов, Горан Трајковски-Готра, Братислав Зафировски, Дарко Данаилов, во продукција на КАТ од Скопје.
Со режисерот Каров разговаравме пред премиерата на филмот за идеите, предивиците од ковид пандемијата во текот на снимањето изминативе години, стекнатото искуство, за животот на монасите, поуките од снимањето на ваков филм …
Документарниот филм „1000 години – Сведок на светлината“ деновиве ќе биде премиерно прикажан. Филмот не зборува за големината на Бигорскиот Манастир, за неговата грандиозност, иконостас и надворешна убавина, за кое досега се има снимено доста материјал. За што зборува?
Големата премиера на документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината” ќе се случи на 15 април во 20, на Македонската телевизија, на официјалниот Јутјуб канал на Бигорски манастир и исто така ќе биде споделен на Фејсбук страницата на Бигорскиот Манастир и на страницата на филмот. До сега во Македонија се нема случено вакво мултимедијално, синхроно лансирање на филм. Додека се случуваат паралелно он-лајн и телевизиската премиера, истовремено филмот симболично ќе биде прикажан и во „Македонскиот народен театар”, со цел да останеме присутни во духот на кино-традицијата. За жал се’ уште важат одредени Ковид протоколи и не бевме во можност да ги поканеме сите што сакаме да бидат вечерта со нас. Верувајте и кога не би имало пандемија повторно би се соочиле со истиот проблем, бидејќи само дедо Партениј има неколку илјадници духовни чеда, кои секогаш му се приоритетни, потоа сите ние кои работевме на филмот имаме голем круг на пријатели, другари и фамилија. Така што, во консултација со Бигорци, едногласно одлучивме дека ќе се откажеме од фестивалскиот потенцијал на филмот и сите заедно ќе го гледаме истата вечер!
Колку да се знае, филмските фестивали не примаат филмови кои веќе се дистрибуирани.
Од каде идејата да го снимите?
На Монасите од Бигорски веќе им беше благословена идејата за документарен филм во рамките на големата прослава по повод 1000-годишнината на Бигорскиот манастир, од страна на Старецот – владиката Партениј. На празникот на Св. Екатерина во 2017 година, случајно се најдов во манастирот Св. Георгиј во Рајчица. Бев отиден таму по сосема друга линија – да ги видиме Рајчичките Карамани и да се увериме дека празничната торта е добра. Додека чекав да пристигне послужението, ја превари поканата за учество на тој неофицијален конкурс на кој учествуваа неколку автори од Македонија. За оние што не знаат, да биде појасно, Манастирот Свети Георгиј во с. Рајчица е исто така под духовно раководство на владиката Партениј.
Интересно е што кога монасите одлучија дека со нас ќе го прават филмот, одлуката падна единствено врз основа на концептот што го имав само вербално споделено со нив.
Дали Бигорци донесоа исправна одлука останува да видиме после лансирањето на филмот.
Набрзо после тоа требаше веднаш да се отпочне со документаристичките кадри за празниците кои следеа.
Морам да констатирам дека стануваше збор за еден многу жив процес, со своја уникатна хронологија, тој не’ диктираше нас наместо ние него.
Во 2020 и 2021 година се соочивме со прилично големи продукциски одложувања, и така, еве не’ речиси 2,5 години подоцна, во претпоследната недела од Големиот Пост, спремни да му покажеме на светот што направивме.
Во својата рецензија, етнологот Влатко Деловски истакнува дека досега сме биле навикнати на репортажен пристап, но Вашиот филм отвора перспектива на оригиналност. Како ја постигнавте оригиналноста, автентичноста?
Не направив ништо посебно, во контекст на тој „жив процес, со своја уникатна хронологија”, една од првите работи што ја увидов беше тоа дека немам многу услови да се потпирам на режисерскиот разум. Па така се потпрев на срцето и почнав да ги воочувам оние работи кои не се гледаат со очите… Тогаш всушност, се појавија првите кадри по моја мустра.
Беше ли тешко да се долови монашкиот континуитет низ вековите?
Монашкиот континуитет да се долови не беше нешто посебно комлицирано, особено не кога до себе го имате Јеромонах Кирил Бигорски кој е жива енциклопедија, историчар, лингвист, преведувач… При последната замолница да ми помогне да се ориентирам во некои стари преводи, му велам: „Да те немав во животов ќе требаше да те измислам”. Исто така имајте предвид дека времињата се менуваат а монасите се’ уште се исти, поуките од времето на Св. Антониј Велики се’ уште се актуелни и свежи, како и некогаш. Времињата се менуваат, но Православието е конзистенто – вечно.
Она што беше навистина е тешко да се разбере, да објасни, да се долови што е монах?
Ќе го гледате филмот, па ќе кажете дали сме дале задоволувачки одговори на повеќе комплексни прашања и проблематики од овој тип.
Што претставуваше за вас снимањето на овој филм? Го доживеавте ли како предивик? Што ве научи? Какви поуки извлековте?
Патешествие низ своите несовршености и слабости, огледало кое ти ја одразува вистината директно в лице…
И љубов, многу љубов, големи се монашките срца…
Особено оние што се воспитани од најголемиот Бигорски подвижник на љубовта.
Токму од оние причини од коишто светиот Старец Порфириј не остана на Света Гора, од истите тие и Старец Партениј не остана на Света Гора…
За да ни служи…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.