Македонските актери Сашко Коцев и Јелена Јованова ги играат главни улоги во словенечката романтична комедија „Нешто слатко“ (Nekaj Sladkega) во режија на ТВ-ѕвездата и стендап-актерот, Словенецот Тин Водопивец чија македонска премиера е закажана за утре, 6 мај, во 20 часот во скопското кино „Синаплекс“.

Коцев е и копродуцент на филмот, а заедно со сценаристката Уршка Мајдич се потпиша и на сценариото на комедијата. Јованова е копродуцент од Хрватска. Македонски партнер е „Процес К продукција“. Премиерата во Љубљана беше во февруари и оттогаш го виделе 10.000 луѓе.

Сакавме филмот да изгледа модерно, топло, камерата да е добра, да не се гледа дека е нискобуџетен, вели Видопивец

Сакавме да направиме филм за првата и последната шанса во животот на човекот, за лажно и погрешно или какво било идеалаизирање и идеологизирање на луѓето, на некои одредени личности и за она што во светот прави и војни, а се вика пиар. Пиарот е нашето секојдневие, може да те направи и бог и просјак. Сите тие големи работи сакавме да ги ставиме во еден филм, но да го направиме тоа на еден питок начин, да го сместивме во жанрот ром-ком, романтична комедија, рече Коцев на вчерашната проекција за новинари.

Режисерот Водопивец, кој се појавува во филмот, вели дека идејата им била да направат филм за луѓето, кои кога ќе го гледаат, ќе заборават на сè.

Сакавме филмот да изгледа модерно, топло, камерата да е добра, да не се гледа дека е нискобуџетен, вели Видопивец, кој додава дека фимот немал да постои ако не бил Коцев, бидејќи филмот е пишуван за него.

Коцев и Водопивец се познаваат одамана, преку нивните стенд-ап настапи по фестивали во Словенија, Србија, Македонија и, како што вели Коцев, отсекогаш имале чувство дека имаат ист вкус за работите. Дури и исти филмови разменувале.

Отсекогаш беше идејата Коцев да биде главниот лик, не знам кој би можел да одглуми паралелно две улоги, тоа за него беше целосна шизофренија. Кога го гледам филмот, забележувам мини грешки, бидејќи имавме микро-буџет, Американците би кажале без буџет, вели Водопивец, кој раскажа дека за време на снимањето кога и да сакале нешто да заштедат во и така малиот буџет, им се случувале пехови кои подоцна ги чинеле повеќе пари отколку што било планирано.

Коцев кажа дека продукциски морале да прават многу компромиси и поради ковид-пандемијата и протоколите, но и поради неочекуваните откажување на спонзорите.

Сите ќе кажат ова е комерцијален филм, така? Јас велам: Што значи комерцијален филм? Низ годините комерцијален станал термин кој звучи потценувачки. Секој филм треба да биде комерцијален. Публиката ќе дојде и ќе ужива во филмот и после ќе оди на пијачка. Најтешко во филмот, додека работевме ми беше кога преку ден имав сцени и од едниот и од другиот лик. Се работеше со многу млада екипа на којашто и значеше да биде дел од еден игран филм, но мислам дека сите ги оправдаа очекувањата. Според мене, најјаката алка беше директорот на фотографија, којшто е професор по камера и фотографија на факултетот за драмски уметности во Љубљана. Кога снимаш филм со мал буџет, целата своја имагинација, својата креативност ти е на максимум. Кога си лежерен, со голем буџет, тоа може да биде и малку погубно за уметникот, вели Коцев.

Како што беше кажано вчера, по премиерата во Скопје, се планира филмот да игра и во Битола, Кочани, Велес и во Свети Николе.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.