Утре (5 септември, вторник) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со писателката Николина Андов Шопова, авторка на романот „Естом“ – книга за месец септември во библиотеката. Разговорот е почеток на вториот циклус од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат – подвлекува Владимир Јанковски.

Николина Андова Шопова (1978, Скопје) е авторка на две поетски збирки „Влезот е од другата страна“ (2013) и „Поврзи ги точките“ (2014). Нејзината прва збирка поезија „Влезот е од другата страна“ ја доби престижната награда Мостови на Струга, награда што ја доделува УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата. Учесник е на бројни европски поетски фестивали, а нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици и е дел од неколку поетски антологии. Во 2019 година ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзиниот прв роман „Некој бил тука“, награда што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Издавачката куќа Или-Или во 2020 година ја издаде нејзината книга за деца „Кртот Ѕвездан“, а две години подоцна, во 2022 година излезе и нејзиниот втор роман „Естом“.

Разговорот со Андова Шопова ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

„Читаме современи македонски автори“ ги поддржува и промовира домашните автори, нивното творештво, македонското издаваштво и македонскиот јазик.

Кампањата е поддржана од Град Скопје и програмата “Скопје – кандидат за европска престолнина на културата 2028”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.