Во рамки на проектот “СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА – имерзивен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес, ќе се одржи 3-дневна интензивна работилница за имерзивен театар. Работилницата ќе се одржува во просторот на КСП Центар-Јадро.

Работилницата ќе се одржи на следниве датуми и термини:
петок, 22.03.2024 од 17:00-21:00 ч.
сабота, 23.03.2024, од 10:00-17:00 ч.
недела, 24.03.2023, од 10:00-17:00 ч.

 

Работилницата за имерзивен театар е наменета за професионални уметници од различни дисциплини (актери, танчери, вокални изведувачи и музичари, ликовни уметници итн) со различен степен на искуство, како и за студенти по уметности. Особено важно е учесниците да имаат ентузијазам, желба и волја да учат, работат и да се надградуваат во областа на имерзивниот театар.

Преку пракична работа и презентација на студии на случаи, работилницата има за цел учесниците да ги запознае со одредени пристапи и алатки за создавање имерзивни театарски искуства за публиката и заедницата. Во таа смисла 3-дневната интензивна работилница конкретно ќе се фокусира на практична демонстрација на алатките и уметничките пристапи кои ќе се користат во процесот на претстојното уметничко истражување и продукција на интердисциплинарниот перформанс со работен наслов РИТУАЛОТ ВО СОВРЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО.

 

Работилницата ќе ја водат Јелена Вуксановиќ (Србија) и Јасмина Билаловиќ (Македонија), а во рамки на работилницата свои предавања и презентации на конкретни студии на случаи ќе имаат и Алесандро Ола (Италија/Шпанија), Атила Антал (Србија/Унгарија) и Вишња Жугиќ (Србија).

3-дневната интензивна работилница ќе биде и еден вид на аудиција-селекција преку која од учесниците во работилницата ќе бидат избрани 8 домашни уметници кои ќе бидат поканети да се приклучат на уметничкиот тим и да соработуваат во претстојниот процес на уметничко истражување и продукција.

 

На тој начин, работилницата го означува почетокот на работата на перформансот “Ритуалот во современото општество”, кој ќе се одвива во неколку фази и локации, и тоа:

– 22ри-28ти МАРТ 2024, Скопје (почетна фаза)
– 17ти-24ти МАЈ 2024, Скопје (втора фаза)
– 20ти-28ми ЈУНИ 2024, Вевчани (финална фаза и изведба на перформансот)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.