Со работилницата „Караѓоз“ на Џемал Фатих Полат од Турција во 18 часот, претставата „Колку е часот“ на македонскиот театар „Сенки и облаци“ и приредбата „Детски смешки, едно кило тешко“ завршува 9. Интернационален детски фестивал на театар на сенки кој изминатите три дена се одржуваше во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Работилницата почнува во 18 часот, во фоајето на МКЦ, ќе трае 60 минути и е наменета за деца над шест години. Ќе се одвива на англиски јазик.  Децата ќе се запознаат со историјата на Караѓоз театарот, преку класичен текст за играње сенки и традиционалните звуци на ликовите. Во атмосфера на оригинална Караѓоз музика, ќе изработуваат кукли според традиционални методи стари над 650 години. Работилницата е овозможена од Институтот „Јунус Емре“ во Скопје. Учеството е бесплатно, а бројот на деца е ограничен.

На сцената на „Фросина“ во 19 часот е претставата „Колку е часот“ на театарот „Сенки и облаци“, кој е организатор на Фестивалот.

Старо Купувам ѝ подари на Сара еден старински часовник кој пак чука во некое си чудно време, два пати тик, еднаш так! Чие ли време покажува тој? За да дознае, Сара се нурна дури до дното на океанот, одлета до крајот на универзумот и замина на пат околу светот но сепак одговорот не го најде. Ќе остане ли Сара тажна, или можеби по пат си најде ново другарче?
Оваа приказна за пријателството е дел од креативниот сет „Театарче за игра со сенки“ кој е составен од книга, кукли според ликовите и домашна сцена за театар на сенки, вели организаторот.

Фестивалот завршува со приредбата „Детски смешки, едно кило тешки“, која ќе биде изведена на сцената на „Фросина“ во 20 часот. Учестуваат деца од градинката „13-ти Ноември“.

Едно детенце – цвеќенце, две дечиња – цветчиња, а повеќе дечиња преубави букетчиња. Претстава со сенки во изведба на дечиња од градинката 13-ти Ноември, објект Парк. Претставата ја подготвија учителките Стојкова Емилија и Билјана Станојкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.