Андријана Данчевска ја освои првата награда и Награда од публиката со кореографијата „Go Figure it out“ на која настапува со современиот танчер Дејан Битровски на 26. издание на Фестивалот за кореографски минијатури кој се одржа во Белград.

Данчевска и Битровски се членови на Скопје танцовиот театар.

Фестивалот за кореографски минијатури е во организација на Здружението на балетските уметници на Србија и е со натпреварувачки карактер. Прави извонредна селекција на млади кореографи од регионот и пошироко. Во годинешното издание, покрај македонските кореографи се натпреваруваат кореографи од Србија, Словенија, Костарика и САД.

Драго ни е што учествувавме на овој фестивал и сакаме да се заблагодариме на организаторите, како и на стручното жири што ни ја доделија првата награда и наградата од публика за најдобра кореографија. Ни претставува голема чест што првпат се претставуваме на српската сцена како независни уметници. Целиме кон развивање на современата танцова сцена на повеќе полиња и вмрежување на современите танцови уметници од регионот, рекоа Данчевска и Битровски по добивањето на наградата.

Ова е голема потврда за кореографката Адријана Данчевска, како и за современата танцова сцена и за Скопје танцовиот театар.

Покрај уметничката активност како танчерка и кореографка, Данчевска е воедно доцент на Катедрата за современ танц при УГД, а Битровски е асистент на истата катедра. Заедно со Анастасија Данчевска, која работи како асистент тие го сочинуваат младото јадро на оваа единствена по својот вид, едукативна програма на универзитетско ниво кај нас.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.