На 15. јуни, во чудесниот амбиент на вилата „Златица“, именувана по саканата ќерка на најпознатиот љубљански жупан Иван Хрибар, е одржана промоцијата на „Шпегавец“, словенечкиот превод на романот „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев.

Во полниот салон романот го претставија и за него разговараа професорката Намита Субиото, преведувачот на делото Роберт Суша и авторот Прокопиев, со помош на Соња Цекова – Стојановска што консекутивно ги пренесуваше интересните дијалози во взаемна жива комуникација со публиката, што продолжи по промоцијата во градината на вилата.

Неколку дена пред промоцијата на Третата програма „Арс“ на радио Словенија беше емитирано долго интервју со Прокопиев што го водеше младиот критичар Сашо Пуљаревиќ, што подоцна во печатена форма беше поставено во информативниот портал на РТВ Словенија.

За мене и овој книжевен престој во Словенија беше извонредно организиран, облагодарен со човечката топлина на промоторите и организаторите што долго ќе ме грее и храбри, изјави писателот Александар Прокопиев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.