Утре (вторник ,08 август) од 12.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи промоција на книгата за деца „Продавница за чудни миленичиња“ од д-р Елена Обухова. Се работи за првото прозно дело за деца од авторката Обухова (прво излегување од рамките на научната литература во уметничката). Авторка на илустрациите е писателката Обухова, а корицата е дело на Обухова и Катерина Влаќеска.
Промотор ќе биде д-р Емил Ниами а со авторката за книгата ќе разговара издавачот, Дејан Трајкоски. Извадоци од книгата ќе читаат група деца под раководство на Валентина Кузманоска. Ќе бидат претставени и сликите од Катерина Влаќeска за деца.
Книгата зборува за близнаците Марко и Марика, кои живеат во нашиот древен Охрид. Тие многу ги сакаат животните и со сите сили се трудат да им помогнат, поради што дури стануваат асистенти на локалниот ветеринар. Но и покрај сето тоа, дома не им дозволуваат да чуваат животни.
Еднаш во градот се отвора продавница за миленичиња чиј сопственик ја носи со себе малечката внука Теа. Родителите на девојчето се разведуваат и таа многу тешко го доживува тоа.
Наскоро децата откриваат дека во продавницата не живеат само обични животни туку и сосема чудни суштества чија задача е да им помагаат на луѓето. А тоа значи дека можат да ѝ помогнат и на самата Теа. И од тој момент започнуваат авантурите на тројцата другари и нивните помошници од животинскиот свет“.
„
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.