Книгата „Ноќни луѓе“ – избор песни од хрватскиот поет Иван Херцег во препев на Владимир Мартиновски и во издание на „ПНВ Публикации“ вечер од 20 часот ќе биде промовирана во бифето на Младинскиот културен центар.

Поетскиот избор „Ноќни луѓе“, во кој се поместени шеесетина песни од неговите седум поетски книги (…) на македонските читатели им овозможува да го откриваат раскошниот поетски свет на Иван Херцег, во кој преку јазикот на поетските слики едновремено се соочуваме со бескрајните (и прилично мрачни и загадочни) пространства на Вселената, но и со неодгатливото во секој од нас, вели Мартиновски кој ќе го претстави творештвото на Иван Херцег на промоцијата, на која разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.

Во најавата за промоцијата се наведува дека Иван Херцег е еден од најистакнатите поети кои во хрватската поезија влегоа во 1990-тите години.  Темелната нишка на неговата еминентно лирска и рефлексивна поезија, досега објавена во повеќе стихозбирки и наградена со неколку книжевни награди, уште од почетокот е неоегзистенцијализмот, кој не е примарно последица на некои трагични општествени случувања, туку е интимен и тивок.

Настанот е дел од нововостановената меѓународна соработка на „ПНВ Публикации“ и „Скопскиот поетски фестивал“ со Хрватското друштво на писателите (ХДП) и фестивалот „Стихот во регионот“ (Stih u regiji) од Загреб.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.