Редовниот професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Сашо Татарчевски, во отворено писмо до своите колеги од културата и уметноста, реагира за начинот и „критериумите“ за распределба на финансиски средста на конкурсите на Министерството за култура.

Обраќањеро на проф. Татарчевски го пренесуваме во целост.

„Ве разбирам почитувани колеги, вас кои реагирате на резултатите од конкурсот на министерството за култура… Особено вас кои не очекувате средства за сопствени хонорари туку средства (во принцип смешни како сума) со кои ќе може цела година да функционира некој ансамбл преку кој се едуцираат голем број млади луѓе и преку кој сакате да ја негувате и претставите нашата култура во странство (на пример). И разбирам зошто се скандализирате и исчудувате за милионските суми доделени на анонимуси или за проекти кои немаат никаква врска со ништо, а камо ли со некаква култура. Ама само да ви кажам дека тамам си се резултатите од конкурсот.

Ова е „културата“ на (диво)творбата во која живееме. Неа не и треба квалитет, вистински вредности, резултати, не и треба достојно и афирмативно претставување, развој и.т.н… Всушност, токму од тие работи и се плаши како ѓавол од темјан. Разбирам дека изборот е или да се откажете од благородната работа која ревносно ја работите или да се обидете да се „борите“ за да се „исправи грешката“. Само што… грешка нема. Тамам си е… Наместо одговорно и стручно распределување на народните пари за проекти кои навистина во себе носат вредност за негување и развој на нашата култура (такви кои имаат покажано или навестуваат квалитет, успех, стабилност, долготрајност и развојна компонента), овој конкурс одамна е само уште еден бувљак. Главнината од народните пари оди во неврат, нешто малку (ради структура) оди на по некој пристоен проект, нешто оди на проекти по инерција од претходни години и еден дел оди на „дај им нешто ситно на овие, да не лаат“.

Мизерија, секако. Ама таа мизерија ја гледаме и живееме секојдневно, во секој сегмент од постоењето. Тоа е само рефлексија на сЕ што ни се случува како општество. Едно време ме вреѓаше што луѓе кои имаат одржано еден (или ниеден) концерт (и немаат никакви резултати зад себе, особено не надвор од државата) „одлучуваат“ за тоа дали ќе има средства за да направам уште по некој успех за Македонија со ансамблите по светов (значи не средства за мене лично)…

Од пред неколку години ниту ме вреѓа, ниту реагирам, ниту прашувам „зошто!?!“. Беспредметно е. Овој тешко корумпиран, партизиран и тотално растурен систем може да се реши само со fresh install. Ништо друго не го оправа. А тоа е тешко да се случи бидејќи ваквиот систем одговара на многу „чинители“ и од дома и од надвор. Така што, барајте си чаре на други места (не во министерството) почитувани колеги и возете натаму, секако сЕ додека ве држи инаетот кон овој северен идиотлак кој секојдневно го живееме“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.