Во сабота (11.2.) со почеток во 18:30 во кафе-книжарницата „Буква“ младинското неформално здружение за култура „Култура Бета“ организира настан по повод третиот роденден.

Во рамки на програмата, со почеток во 18:30 ќе се одржи разговор за лирските елементи во романот „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска, авторка ќе чита делови од романот, а истиот ќе биде достапен да се купи по промотивна цена.

Во 20 часот ќе се случи и четвртото издание на поетските средби „Поетска епизода“, овојпат насловена како „Од љубовта треба да се пазиме“, а љубовна и еротска поезија ќе читаат поетесите Д.А. Лори, Александра Спасеска, Ива Петревска, Јулијана Величковска и Марија Костиќ од Србија. Модератори на оваа епизода ќе бидат Андреј Медиќ Лазаревски и Калина Качоровска.

Во 22 часот ќе се случи и свирка на младинскиот бенд „Занаду“. Во текот на целата вечер ќе трае изложба на поезија, фотографии и цртежи од 30-тина автори, а во рамки на роденденот ќе биде пуштено во продажба и третото студентско културно списание „Умник“.

Третиот роденден на Култура Бета е посветен на потсетување на симболот на прекината програма и на тоа зошто овој симбол не смее да се појави на уметничките сцени, екрани, галерии. Лицата кои (ќе) се појавуваат над симболот за прекината програма се симболи на будноста и работата на одржувањето на таа уметност. Уметноста која главно ја одржува програмата во живот е алтернативната и независната сцена која неуморно и со години наназад се бори за унапредување на таквата сцена, која се бори за креативност, продуктивност, живост, будност, тоа е таа уметност која не може и не смее да биде прекината! Уметниците кои, пак, го прават сето ова се неуморни борци за унапредувањето на независната сцена која е стожер на културата кај нас.

Водејќи се од идејата за потребата на негување на независната сцена во нашето општество, ентузијастично започнавме создавање мрежа на млади поети, писатели, сликари, фотографи, музичари, колумнисти, екологисти, активисти; започнавме со создавање на платформа за вмрежување на овие уметници и активисти и со создавање простор за нивно полесно, појавно, поприсутно изразување, започнавме со создавање на место каде што уметноста и културата сфатени во најширока смисла ќе добијат простор каде ќе бидат застапувани, негувани и промовирани независно, слободно и вонинституционално. Тргнувајќи од идејата дека постои некоја ‘алфа’ уметност која е комерцијална, институционална и наменета за широки јавни маси – ја создадовме ‘бета’, Култура ẞ, која ќе биде еден од претставниците на вистинската и културна култура, на независната и алтернативна уметност.

Борбата за развој на културна култура и вистинска уметност е заедничка, а љубовта, поддршката, вмрежувањето е клучно за таа борба. Затоа на сите им честитаме што се дел од сцената и што се дел од оваа борба за нејзин развој. На 11ти февруари во Буква со дел од овие луѓе го славиме ова, а во нашата следна, четврта, година најавуваме уште куп настани, отворени можности, идеи, соработки… Никогаш да не се појави знакот на прекината програма!“ велат од Култура Бета во најавата за настанот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.