Приказните на истакнати жени што владееле во средновековниот период на Балканот,  кои беа во фокусот на проектот „Владетелки на Балканот“ (SheLeadersVR) кој  се реализираше во Скопје со фотограметриско снимање и дигитализација на артефакти во Музејот на Македонија, стигна до финалето.

Проектот е поддржан од програмата на „Креативна Европа“, а кофинансиран од Министерството за култура. Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“ – домаќин и партнер од Македонија, го работеше овој проект во партнерство со: Здружението за дигитализација и информација на културното наследство „Digi.ba“, NoHo Ireland, Универзитетот во Сараево, Народниот музеј на Црна Гора и Археолошкиот институт при САНУ во Белград.

Во Европска куќа во Скопје деновиве се одржа промоција на VR и AR апликациите.

Целта на проектот е да се создадат дигитални апликации коишто ќе овозможат користење на виртуелна и проширена реалност при реконструкција на животот, дејствијата, просторот за живеење и предметите поврзани со пет избрани жени – средновековни владетелки од територијата на Западниот Балкан.

Врз основа на научно истражување, пишани и визуелни извори, беа создадени сценарија за играниот сегмент на VR апликацијата како и фантастични костуми со цел да се оживеат петте женски владетели на средновековниот Балкан.

На реконструкција на костумот на византиската принцеза и кралица Марија Палеологова, работеше м-р Василка Димитровска, креативен директор на ХАЕМУС, која беше во својство на главен консултант на проектот од Македонија. Костумот беше изложен за време на прес конференцијата, а понатаму ќе биде изложен и достапен при различни промотивни активности.

Историскиот костум на кралицата Марија Палеологова е специјално создаден  за потребите на AR и VR апликациите, каде што го носи вистинска актерка во автентично историско опкружување кое е дигитално реконструирано. Поради спецификата на театарската изработка, костумот не може да се облекува како кај примерите со жива интерпретација на наследството, туку е изложбен експонат којшто јавноста набрзо ќе има можност да го види.

Дополнително со историскиот костум, ХАЕМУС доби на управување и целосна опрема за VR искуство која вклучува и специјални окулари или очила за VR со чија помош ова искуство во времетраење од половина час е сеопфатно за сите сетила. Со нив може да се погледнат приказните за 5 кралици кои се направени во форма на интерактивна квиз-игра, а кога ќе ги заврши петте видео игри се отвора шеста врата која води кон тајна одаја каде се наоѓаат предметите (артефактите) што корисникот ги собрал попатно.

Тоа е видео игра, каде што треба да се пронајдат тајни артефакти коишто припаѓаат на сите кралици. Во случајот со Македонија, корисниците на апликацијата буквално влегуваат во средновековната Палата на Скопско Кале која за потребите на проектот е реконструирана, се движат низ неа и решаваат загатки, за да можат да го пронајдат тајниот предмет којшто ѝ припаѓал на средновековната владетелка Марија Палеологова,  објасни на средбата со новинарите, Димитровска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.