Четврта изведба на театарската претстава „Скопјани“ ќе се одржи вечер, во 20 часот, во „Јавна соба“. Претставата е колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска, во режија на Милош Б. Андоновски. Улогите ги играат: Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска.
Драматургијата и драматизацијата на расказите се на Ивана Нелковска и на Милош Андоновски. Драматургијата на личните приказни е на Ева Камчевска.
Костимографка е Ирина Тошева, асистентка на костимографија Ива Ивановска
сценограф Мартин Манев, асистентка на сценографија Симона Димковска.
Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура на РСМ и Град Скопје.
Претставата „Скопјани“ е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје. Оваа претстава не зборува за „старо Скопје“, за ослободувањето на Скопје, за земјотресот и Кензо Танге, туку за градот денес. Го согледува односот на локалците и дојденците, нивните перцепции за градот, нивните недоразбирања и соживот – вели Милош Андоновски, режисер на претставата.
Талкајќи низ улиците, преку мостовите и покрај плоштадите пристигнуваме во секојдневието на луѓето што го сочинуваат градот. Шест актери преку своите животи се нурнуваат во приказните за други лица што се жители на истиот град.
Водејќи се низ наративната мапа на „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска создадовме приказна за нас, за тоа што е сега, за тоа што останало изгубено, за нешто што постојано се трансформира и за тоа што ни е заедничко – вели Ивана Нелковска, која ја направи драматизацијата на расказите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.