Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва ќе се одигра претставата за деца „Разгалениот принц“ со почеток во 19 часот, во Куршумли ан. Претставата е во продукција на Театар ХИТ – Скопје.
Автор и режија: Сашо Ристовски
Сценографија и костими: Диди
Играат: Магдалена Ризова – Черних, Сашо Ристовски, Бранко Атанасов.
Детската театарска претстава „РАЗГАЛЕНИОТ ПРИНЦ” е детска комедија која изобилува со многу едукативни и педагошки елементи кои се од особено значење за децата.
Целото дејствие се случува во дворецот на принцот кој има исклучителен специфичен карактер и однесување кон повозрасните, врсниците и средината. Неговото однесување во дворецот и во околината е неправилно бидејќи тоа воопшто не доликува на еден принц, кој треба да биде пример за сите. Низ низата комични ситуации кои се создаваат со однесувањето на принцот кон својот татко кралот, дадилката и околината се покажува дека таквото однесување не е дозволено, а при тоа и се укажува дека секое дете има свои права, но пред сé и обврски кои мора да ги знае и исполнува. Смислувајќи мноштво на начини кралот со дадилката, а и децата од публиката ќе успеат да дојдат до целта, да го променат принцот и да го научат на неговите вистински права, но и на неговите обврски кон своите врсници, повозрасните, а и кон целата околина.
Интерактивниот момент на оваа претстава е особено запазен, бидејќи сакаме со тоа децата од публиката да ги потикнеме на целосна активност за време на претставата.
Претставата изобилува со одлична и богата сценографија, костими, како и музика која е соодветна на времето и просторот во кое се случува дејствието.
Исто така, вечерва ќе се одржи концерт на Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано, со почеток во 20:30ч. во Салон 19:19 – Културно информативен центар.
Програмата на концертот ќе опфати дела од Жорж Бизе (Ma vie a son secret, Pastorale, Reve de la bien aimee, Vielle chanson, Douce mer, Apres l’hiver, Chanson d’avril, La chanson du fou, La coccinelle) и од Жан-Батист Векерлен (Maman, dites-moi, L’amour).
Александра Коцевска дипломира на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Благоја Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. По дипломирањето започнува да работи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде е една од основачите на класата по соло пеење. Во 2002 година ги завршува магистерските студиите во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска. Од 2006 година својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Доказ за нејзината успешна педагошка работа се бројните награди што нејзините ученици ги освојуваат на домашните и меѓународните натпревари, а честопати е поканувана како член во жири-комисии на меѓународни натпревари. Во 2011 година Коцевска ја добива наградата за повеќегодишна успешна работа во областа на уметничката педагогија која ја доделува „Здружението на музички и балетски педагози“. Од 2015 година особено се интензивира нејзината концертна активност. Во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев, дуото настапува на концерти и манифестации низ целата земја. Од 2017 година таа настапува и со Триото „Колегиум“.
Глигор Гелебешев (1969), своето музичко образование го започнува во родната Гевгелија, а основното и средното музичко образование го завршува во Скопје. Студира на Академијата за Уметности во Нови Сад во класата на професор Јокут Михаиловиќ,а магистрира во 1997г. на ФМУ во Скопје. За време на своето школување, добитник е на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари и учесник на голем број концерти, како и мастеркласи на еминентни професори и пијанисти од странство (Евгениј Тимакин, Икуко Ендо, Арбо Валдма, Владимир Крпан, Јокут Михаиловиќ и др.) По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист ,но и како камерен музичар,соработувајќи со голем број истакнати музички уметници. Во 2001г. го формира пијано дуото со својата сопруга Катерина Гелебешева Костадиновска, со кое настапува во земјава и странство. Имаат издадено две ЦД-а, настап со Македонската филхармонија, како и остварено голем број трајни снимки за Македонската радио телевизија. Во 2021г. го издава својот прв соло носач на звук со дела на Ф.Шопен, С.Рахмањинов и сопствени дела. Освен на домашна сцена (речиси во сите градови и на најзначајните фестивали: Охридско Лето, Интерфест –Битола, ДММ-Скопје, Златна Лира-Скопје…),бележи и настапи во странство. Како педагог, бележи голем број успеси со свои ученици на домашни и меѓународни натпревари и заради својата успешна работа како професор по пијано, честопати е поканет да биде член во жири. Глигор Гелебешев веќе 30 години работи во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј во Скопје.
Билетите за двата настана се во продажба на Скопско Лето 2024 – karti.com.mk .
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.