Престижниот журнал за култура „La terrasse“ од Франција го најавува првото гостување на Скопје танцовиот театар и Рисима Рисимкин, со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на сцената на Националниот театар за современ танц во Париз, Франција.

Претставите ќе се одржат на 16, 17 и 18 март 2022 на сцената „Firmin Gémier“ во овој прекрасен театар на Трокадеро.

Скопје танцовиот театар првпат настапува во Франција со изненадувачка претстава која не носи во земјата на соништата за да разговараме за новините. „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин е претстава со една поинаква естетика. Кореографката која е на чело на Скопје танцовиот театар од 2011 година, е една од најпопуларните и најплодните македонски кореографки. Таа се појавува на големите меѓународни сцени, но е сосема непозната во Франција, и затоа, ќе биде вистинско откритие, кое ќе го доживееме во ‘Шајо’. Со своите седум танчери, Рисимкин ја доведува во прашање експресивноста на движењето во времето на пандемијата. Надвор од оваа општоприфатена тема, Скопје танцовиот театар нè поканува да ги истражуваме имагинарните идентитети, изнесувајќи чудни ликови, запленети од големата интензивеност на танцот. Рисимкин неодамна ни се довери дека во овој опус, ‘се обидува да најде јазик што функционира во ова нефункционално време’. Таа го прифаќа предизвикот да создаде интимен танц во кој танчерите никогаш не се допираат. Водена од софистицирана сценографија и костими, таа ни претставува апокалиптичен свет кој ја истакнува нашата изолација, но ја брани убавината од сите препреки, пишуваат Делфин Бафур и Агнес Изрин за магазинот „La terrasse“.

За претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, чиј кореограф е Рисимкин, музиката ја напиша Тони Китановски, костимите ги изработи Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ. „Идентитети“ публиката може да ја проследи на 10 март на големата сцена на Македонскиот народен театар, пред заминувањето за Париз.

Во претставата играат: Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак.

Рисимкин, создавајќи и работејќи од Скопје, успева да создаде платформа за современиот танц во Македонија, но и да се пробие како автор надвор и да гостува со свои претстави на најзначајните современи танцови сцени, на светско ниво. Во 2010 година за прв пат работи во Националниот балет на Љубљана во 2010 година, а истат година гостува како кореограф-гостин во Холандија. Во сезоната 2012/13 година е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција, каде има можност да остане четири години, но се враќа во Македонија за да ја продолжи својата мисија за развој на современиот танц кај нас.

Рисимкин е професор д-р, основач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, а предава на многу танцови акадмии во Европа, САД и Кина. Оснивач е на интернационалниот фестивал „Танц Фест Скопје“, кој во своите програми ги реализира гостувањата на „Холандскиот танцов театар“, Националниот балет на Протугалија, „Скапино балет“, „Галили танцовата компанија“, „Филаданко!“ и други извонредни, светски танцови компании, кои остварија незаборавни гостувања во Скопје и го обликуваа вкусот на нашата публика.

Во 2022 година на овој престижен фестивал, единствен за танц во земјава, се очекува гостувањето на легендарната Марта Греам танцова компанија од Њујорк, САД.

Рисимкин е и оснивач на Скопје танцовиот театар со кој во 2022 година, го остварува историското гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.