Утре во 21 часот, во рамки на најголемиот интернационален фестивал за современ танц во Латвија, „Laikis Dejot“ кој се одржува од 12 до 21 јуни 2022 година, во Рига, на сцената на Центарот „NOASS“, ќе се изведе кореографијата „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска, во продукција на Скопје танцовиот театар, во која настапуваат Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

Ова е прво претставување на Скопје танцовиот театар, чиј уметнички директор и основач е Рисима Рисимкин, на овој значаен фестивал. Со ова гостување Скопје танцовиот театар ја заокружува извонредно успешната сезона, во која имаше повеќе изведби на свои претстави на светски сцени, од кое најзначајно е гостувањето на сцената на престижниот Националаен театар за современ танц „Шајо“ во Париз, каде беше изведена, три пати по ред претставата на Рисима Рисимкин „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која париската критика ја оцени како брилијантна. Воедно, оваа сезона Скопје танцовиот театар гостуваше и во Братислава, Словачка и во Загреб, Хрватска, а беше формиран и подмладокот на компанијата Скопје танцов театар 2, чија постава настапи на фестивалот Танц фест Скопје 2022 и во Братислава, Словачка.

Во најавата за нејзината кореографија, кореографката Данчевска вели: „Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија. Го слави животот, убавото во едноставното и гневот во постоењето. (Кога ќе те снема, може повторно да те заима). Следете политика и главите кон сонцето!“ Музиката за претставата ја потпишуваат Артефакт и Гордан Спасовски трио. Во перформансот настапуваат танчерите Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

Во рамки на програмата на фестивалот, на 17 јуни, уметничката директорка на Скопје танцовиот театар и деканка на Филмската академија, Катедра за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“, професор Рисима Рисимкин, ќе одржи предавање на тема „Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија“, а кореографот и танчер Дејан Битровски, ќе има работилница за современ танц.

Скопје танцовиот театар, основан и предводен од Рисима Рисимкин, во своите 11 години постоење, успева да се пласира на интернационалната современа танцова сцена и да гостува на најпрестижни фестивали. Скопје танцовиот театар зад себе има остварено преку 70 продукции. Компанијата, покрај препознатливиот стил на короеграфката Рисимкин, овозможува и развој на млади уметници и гостува со своите продукции на сцени во Европа, Америка и Азија. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, во изведба на Адријана Данчевска. Во 2018 година, со претставата „Кожа“, комапнијата гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа – „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Скопје танцовиот театар има остварено настапи и на „Share“ фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина; „Meet in Beijing“, најголемиот интернационален фестивал за изведувачки уметности во Пекинг, Кина, „Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); Саем за танц, Дизелдорф и Културбункер во Келн, Германија (2012) и во Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011). На дел од овие гостувања покрај делата на Рисимкин, се пласираат и дела на младите кореографи Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски и Дејан Битровски како млади сили на современиот танц кај нас.

Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.