Премиерната изведба на претставата „Сите сме птици“, по текст на Важди Муавад, а во режија на Слободан Унковски ќе се одржи вечерва во 20 часот на големата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ).

Унковски се враќа во МНТ по пауза од девет години со текст на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло Муавад, кој го истражува идентитетот за тоа кои сме или мислиме дека сме. Оваа моќна современа драма спојува повеќе јазици и различни светови на искуства.

Ова е претстава за етикетите што нè одредуваат кои сме и што сме уште пред да ја добиеме потребата за нешто ново и поинакво, вели актерот Дамјан Цветановски, кој го толкува ликот на Еитан.

Во драмата, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (Американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна…

Претставата „Сите сме птици“ е приказна за една битка помеѓу идентитетот на групата и искрената потреба за индивидуалност.

Ова е претстава за меѓуетничка толеранција и недостатокот на истата, додава Цветановски (28) кој ја толкува главната улога.

Во претставата покрај Цветановски уште играат и Сара Климоска – Вахида, Тина Трпкоска – Еден, Звездана Ангеловска – Леа, Николина Кујача – Нора, Емил Рубен – Етгар, Никола Ристановски – Давид, Петре Арсовски – Вазан, Сашка Димитровска – Болничарка, Драгана Костадиновска – Лекарка.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ.

Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.

Следните изведби се закажани на 20 и 21 декември и на 30 и 31 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.