Во Народниот театар „Антон Панов“ вечерва е премиерата на претставата „Пчелите ќе умрат“ според рускиот автор Иван Вирапаев во режија на Драгана Таневска, а во копродукција со Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Според режисерката, претставата отворено зборува за етиката, за моралот, религијата, за сексуалноста, за доброто и злото кај човекот.

-Дали човекот може да биде подобар од тоа што е и на тој начин да ја спаси планетата од еколошката катастрофа што и претстои. Ја поканувам публиката да види нешто ново и поразлично на сцената на струмичкиот театар, рече режисерката Таневска на денешната прес конференција пред премиерата.

Актерот Игор Тодоров го толкува ликот на Морган Смит, кој е еден од последните борци за спас на планетата Земја.

-Се работи за еден одличен текст напишан од Вирапаев, којшто е последен крик да се свестиме затоа што ние сме дел од планетата Земја, иако сме едни од најновите суштества на неа, ја убиваме. Се надевам дека барем малку ќе ги замислиме гледачите на различни теми, но се надевам дека и ќе помогнеме, рече Тодоров.

Покрај него во претставата играат уште и Ангелина Тренчова-Ангелова и Танкица Стојанова.

Како што истакна директорот на ФКТ „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков, по премиерата на 19 овој месец претставата ќе го има првото гостување на Фестивалот на НЕТА во Враца, Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.