Вечерва во 19 часот во Театарот за деца и младинци премиерно ќе биде изведена куклената претстава „Во детската соба“, авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија.

Во претставата играат: Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски.

Музиката за претставата ја изработи Ервин Тул, од Франција, а сценографијата, дизајнот и куклите се авторско дело на Марина Червенкова од Бугарија.

Претставата раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата ,,Kрени-носи”. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме”. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете, Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри крено-носачи ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша.

„Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со останатите.

Претставата се разликува од другите по комплексноста. Во неа имаме: актери, куклари, драмски карактери, куклени карактери и сите заедно живеат во ист свет кој е волшебен и можеме да патуваме низ него. Сметам дека тоа е најважно во уметноста кога гледачите може да патуваат низ тој свет, да почувствуваат нешто ново, да ги натера да размислуваат за сопствената состојба во нивните животи. Се работи за детето во нас, како ние се чувствуваме во однос на тоа дете, како се грижиме за него и како всушност понекогаш забораваме на него, вели режисерката Миланова.

Првата реприза е закажана за 20 април од 19 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.