Независниот театар „Златен елец“, на малата сцена во Македонскиот народен театар, вечерва, од 20 часот, ќе ја прикаже премиерата на претставата „Грета“, според текстови на Луц Хибнер и на Јохан Волфганг Гете.
Режисерка на претставата е Тамара Стојаноска, играат актерите Ане Блажовски и Димитрина Мицкоска, музиката ја направи Лука Тошев, а вокалите се на Дина Јашари. Дизајнот е на Бојана Цилевска, а продуцент е актерот Бобан Алексоски.
Со „Грета“ раскажуваме приказна за театарот, за создавањето театарски светови, за пробата и процесот, за актерите како душата на театарот, за односите на театарските уметници во еден процес. Ситуациите и ликовите што се претставени се модели земени од театарскиот свет, ликови што на сите театарџии ќе им бидат многу блиски и познати, а за оние што не се во оваа професија, ова ќе биде како ѕиркање во една театарска приказна, која преку комедијата ќе води низ процесот на создавањето на една претстава. Сите ликови се обични луѓе со различни погледи, методи, принципи и поинаква љубов кон театарот и животот воопшто – вели режисерката.
Низ претставата се прикажани осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од „Фауст“ и двајца актери што ќе зборуваат за својата професија, за магичните, но и за оние тешки моменти со кои се судира секој театарски уметник.
Театарот постоел илјадници години и ќе продолжи да постои и покрај тешкото време во кое се наоѓа, бидејќи ова е повеќе од професија, ова е начин на живот, чудна моментална магија на сцена што не се повторува исто двапати – додава Стојаноска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.