Зденко Петровски страсно и посветено ја живее фотографијата и музиката. Речиси да нема пропуштено концерт во Скопје, додека фотографирањето е негова пасија и хоби. Со неговите фотографии се овековечени концертните настапи на многубројни домашни и странски бендови, но и многу урбани и музички ликови.

Овој викенд во бифе „Тафталиџе“ ќе се отвори изложбата на негови фотографии и во пресрет на настанот поразговаравме со Зденко за искуствата, почетоците, страста за фотографирање…

В сабота пред македонската јавност ќе претставите дел од Вашето творештво. Изложбата на фотографии ќе биде поставена во кафе „Тафталиџе“. Кажете ни кои и колку фотографии ќе може да се погледнат и како дојдовте до идеја да ја направите изложбата токму во овој простор?

Ќе бидат изложени 36 фотографии од кои 16 портрети и 20 документарни која го третира музичкиот свет. Пред неколку години имав изложба на фестивалот „Здраво млади“ во Младинскиот културен центар каде публиката и беше повеќето млада, така да во спрега со годините кои ги имам, ред беше да ја видат и повозрасните, а „Тафталиџе“ е вистинско место за тоа. Затоа што тука се собираат скопските легенди, а и јас цел живот го поминав во населбата Тафталиџе.

Долго време се занимавате со фотографирање. Што е најчесто за Вас предизвик да фотографирате?

Најмногу сакам да фотографирам луѓе. Предизвик ми е да успеам да ги доловам нивните карактери, да ги портретирам нивните „демончиња“ кои сите ние ги имаме. Потоа таа лајф фотографија од концертите…. Ме интересираат многу нешта, не сум врзан за одреден стил.

 

Со оглед на фактот дека работите и како снимател, што преферирате, што Вас повеќе ве исполнува фотографијата или снимањето?

Подеднакво би рекол. Имав среќа со едното да се бавам професионално, а другото – фотографија како хоби. Невозможно е да се бавиш со две различни работи професионално, а да не се изгуби на квалитет.

 Црно-бела фотографија или во боја?

И тоа и тоа, но предност има црно – белата. Црно – белата ми има повќе душа.

Сакате ли да се фотографирате или повеќе Ви се допаѓа да сте зад објективот?

Зад објективот нормално.

 

Како почнавте да се занимавате со фотографија? Што ве поттикна?

Во маало имав повозрасни другари кои ги правеа првите чекори во фотографијата. Дружејки се со нив се заразив и јас.

„МОМЕНТ ДОКУМЕНТ“ или „Сликовница со ликови и настани во Скопје 2007– 2020“ е насловена Вашата фото книга што беше објавена како издание на МКЦ. Дали е време за нова книга? Размислувате ли за нов проект?

Засега не иако имам матерјал кој не се однесува на концертна фотографија.Ако ме држи здравјето, ќе видиме, само ќе си дојде.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.